Култура
Кинотеката ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“
Кинотеката на Северна Македонија деновиве ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“, снимен во далечната 1952 година, во режија на Воислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“.
Фросина (1952) на Воислав Нановиќ и „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли минатата година беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, а филмот „Мирно лето“ е објавен и на блуреј-диск како прво блуреј-издание на македонски филм.
Дигитализацијата на македонските играни филмови е една од основните активности на нашата институција, која е единствена институција во земјата, чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство, па Кинотеката деновиве го подготвува за објавување и изданието на дигитално реставрираната верзија на „Фросина“, исто така на блуреј-диск.
Исто така, во рамките на одбележувањето на овој 70-годишен јубилеј од првиот македонски игран филм „Фросина“ на 28 јуни (вторник) во Кочани, во ЈОУ Библиотека „Искра“, со почеток во 20 часот, ќе се одржи изложба на фотографии од филмот, проследено со пригодно предавање и дискусија за неговото значење во историјата на македонската кинематографија, во организација на Кинотеката и ЈОУ Библиотека „Искра“.
Во мај 1989 година Кинотеката организира симпозиум на тема „Фросина – првиот македонски игран филм“, на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебно печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија.
А на 16 јуни 2021 година во летното кино на Кинотеката беше прикажана и дигитално реставрираната копија на „Фросина“ и истовремено беше пренесувана во живо (live streaming), па можеше да се следи на каналот „Јутјуб“ како дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films). Во таа пригода д-р Атанас Чупоски, филмолог советник во Кинотеката, одржа беседа за филмот и, меѓу другото, посочи дека во тоа време постоела т.н. идеолошка комисија, која цензурирала одредени делови на филмот.
На иницијатива на Кинотеката на Северна Македонија, Македонската радио-телевизија деновиве сними документарен филм за филмот „Фросина“, кој премиерно ќе биде прикажан на МТВ на 28 јуни во 20.45 часот. Автори на документарецот „70 години Фросина“ се Соња Самарџиева и Томи Алексов, а монтажата е на Влатко Ангелов. Филмот е во продукција на Македонската радио-телевизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

