Македонија
Арсовска со признанија и награди за наставниците за проект за меѓуетничка интеграција во средното образование
Шеесет и двајца наставници од осум градски средни училишта денеска добија признанија и награди од Град Скопје за нивниот придонес и активно учество во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието преку редовна реализација на заеднички наставни часови со ученици што учат на разни наставни јазици. Признанијата и наградите на просветните работници им ги додели градоначалничката Данела Арсовска.
„Во средните училишта на Град Скопје – ‘Арсени Јовков’, ‘Здраво Цветковски’, ‘Браќа Миладиновци’, ‘Боро Петрушевски’, ‘Димитар Влахов’, ‘Јосип Броз Тито’, ‘Владо Тасевски’ и ‘Д-р Панче Караѓозов’ – во текот на учебната 2021/2022 година беа реализирани вкупно 1.308 заеднички часови, со кои беа опфатени 54 паралелки, кои наставата ја следеа на македонски, албански и на турски наставен јазик. Одржувањето заеднички часови придонесува за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите преку подобро запознавање едни со други и градење граѓански и демократски вредности. Тоа е она кон кое се стремиме како општество и на кое треба да работиме за на нашите деца да им обезбедиме сигурна и безбедна иднина, во заедништво“, рече градоначалничката Арсовска на денешното доделување на признанијата и наградите.
Во рамките на Програмата за активности на Град Скопје од областа на средното образование за 2022 година и со Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанска вклученост се предвидува поддршка на училиштата за реализација на активности за меѓуетничка интеграција.
Овој проект е дел од националниот проект на УСАИД за унапредување на меѓуетничката интеграција на младите во образованието, а беше поддржан и од Македонскиот центар за граѓанско образование и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

