Свет
Затвореници умреле од глад во затвор на Хаити, залихите со храна се потрошиле пред два месеци

Најмалку осум затвореници умреле од глад во преполниот затвор на Хаити, кој останал без залихи со храна пред два месеци.
Гладот и страшната жештина придонеле за смртта на затворениците во градот Ле Каје, соопштија вчера властите. Во затворот има 833 затвореници, а на сите им е итно потребна помош.
Минатата недела Советот за безбедност на ОН објави извештај во кој се наведува дека во затворите на Хаити, од јануари до април, биле регистрирани повеќе од 50 случаи на смрт од глад. Тие ја повикаа владата на Хаити да преземе соодветни мерки и да најде долгорочно решение за снабдување на затворот со храна, вода и лекови.
Затворот, во кој има многу повеќе затвореници од предвиденото, долго време се мачи да им обезбеди на затворениците вода и храна. Управата на затворот за тоа ја обвини „недоволната финансиска помош од државата“, а во последните месеци ситуацијата дополнително се влоши, што доведе до нови смртни случаи.
Според законот, затворите на Хаити се обврзани на затворениците да им обезбедуваат вода и два оброка дневно, а тие обично добиваат попара или чинија ориз со риба или некој вид месо.
Меѓутоа, во последниве месеци, затворениците морале да се потпрат на семејствата и пријателите за да им донесат храна и вода, но многумина не биле во можност да добијат посети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.
Свет
Во сообраќајка загина поранешен хрватски фудбалски репрезентативец и играч на фудбалскиот клуб Динамо

Во тешка сообраќајна несреќа, што се случи во Карловац, загинаа 2 лица, меѓу кои и поранешниот хрватски фудбалски репрезентативец и играч на фудбалскиот клуб Динамо, Никола Покривач, јавуваат хрватските медиуми.
Полицијата во краткото соопштение наведува дека несреќата се случила на обиколницата Турањ и дека во неа учествувале 4 патнички возила.
Три лица се пренесени на лекување во медицинска установа.
Свет
Русија и Украина денеска треба да разменат затвореници

Русија и Украина денеска треба да разменат затвореници, а посредник во договорот повторно се Обединетите Арапски Емирати, соопштил извор запознаен со преговорите.
Ќе бидат разменети вкупно 492 војници – 246 од двете страни, како и уште 46 ранети украински војници.
За време на војната Русија и Украина со посредство на ОАЕ веќе разменија вкупно 3.233 воени заробеници