Економија
МЗШВ: Земјоделците да аплицираат за земјоделско земјиште до 21 јули

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги објави двата дополнителни јавни огласи со кои за земјоделците на располагање им се ставаат дополнителни 3.769 хектари земјоделско земјиште со површина над 3 хектари.
Првиот јавен оглас опфаќа 529 хектари земјоделско земјиште над 3 хектари, распределени во 10 региони низ државата: Берово, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Неготино, Свети Николе, Радовиш и Штип. Намената на земјиштето кое се дава под закуп за првиот јавен оглас е одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години.
Право на учество на овој јавен оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Минималната површина на земјоделското земјиште во државна сопственост која може да се даде под закуп на еден учесник изнесува 3 хектари, доколку понудувачот достави потврда од овластена ветеринарна станица за располагање со најмалку 5 грла говеда или копитари, односно 50 овци или кози, односно 20 свињи, односно 500 кокошки, мисирки, гуски, патки или бисерки. Максимална површина на која за овој јавен оглас еден учесник може да аплицира изнесува 20 хектари.
Вкупната површина на земјоделско земјиште која се дава под закуп со вториот јавен оглас е 3.240 хекатари, распределени во 22 региони низ државата: Берово, Валандово, Виница, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Куманово, Кавадарци, Неготино, Струга, Струмица, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Велес, Штип и Чаир.
Предвидената намена на овој оглас е за подигнување на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години, подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање на маслинарници за период до 50 години, поставување на пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години.
Право на учество на овој јавен оглас имаат сите домашни физички и правни лица и странски правни лица. Големината на површината која може да се даде под закуп на еден корисник од овој јавен оглас, се утврдува врз основа на минимално материјално-техничката опременсот и бројот на вработени според бизнис планот на понудувачот.
Рокот за поднесување на апликациите е 30 дена од објавувањето на јавниот оглас во Службен Весник, односно до 21 јули 2022 година. Постапката за распределба на земјоделското земјиште се врши по пат на електронско јавно наддавање.
„Не оставаме ниту една педа земјоделско земјиште необработено, особено во услови на криза. Активирани се сите капацитети за обезбедување на доволно храна за сите граѓани. Во овој период на криза распишавме 7 јавни огласи со кој на рапсолагање ставаме нови дополнителни 13.785 хектари земјоделско земјиште до и над 3 хектари распределено низ целата територија на државата, со намена за производство на житни култури, подигнување на долгогодишни насади и производство на сточна храна“, истакнуваат од Министерството.
Заинтересираните земјоделци и земјоделски стопанства можат да аплицираат на овие два јавни огласи за закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари за производство на сточна храна и подигнување на долгогодишни насади. Повеќе информации за постапката и начинот на аплицирање може да се добијат на веб страната од министерството www.mzsv.gov.mk, преку подрачните единици на министерството или во секторот за земјишите при МЗШВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.