Македонија
Маричиќ: Време е да заврши нашиот осумнаесет годишен маратон за старт на преговорите

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имаше свое обраќање во воведниот дел на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), посочи дека сега е најважно да се потврдат европските вредности, да се валоризира она што досега сме го сработиле, и земјите членки да го завршат нашиот осумнаесет годишен маратон за старт на преговорите.
„ Не како подарок, туку како заслужено достигнување на сите генерации кои го вложија своето време, енергија и напори за да ја доведат земјата до точка за добивање на позитивна препорака. Последните години, ориентирани кон ЕУ, донесовме тешки одлуки за затворање на отворените билатерални прашања, покажавме дека знаеме да соработуваме, дека имаме визија и лидерство, рече Маричиќ на состанокот.
Вицепремиерот Маричиќ пред членовите на Европскиот Парламент кажа дека без разлика на исходот од француското претседателство Владата останува посветена на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс во земјата, набројувајќи некои од реформите кои веќе се спроведуваат.
На крајот Маричиќ упати апел до Европскиот парламент, во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, да ја издигне дебатата за европската перспектива на Западен Балкан и во контекст на реформите кои ќе се случуваат во Унијата.
„ Во овој турбулентен период одлуките кои ќе се донесат за иднина на Европа мора да го вклучуваат и регионот како интегрален дел од Унијата. Само обединети ќе можеме ефикасно да одговориме на сите предизвици, и да градиме отпорност кон сите сегашни и идни закани. Клучот на успешна и просперитетна Европа е во обединувањето. Мора да се даде јасен план, и правец на земјите од Западен Балкан. Тоа ќе значи подготовка за она што ќе следува во регионот и во која насока ќе се движи, а Северна Македонија ќе се движи кон полноправно членство во Европската Унија, потенцираше Маричиќ.
Во првата сесија од денешниот состанок, вицепремиерот Маричиќ заедно со амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во име на Европската служба за надворешни работи и на Европската комисија и Илхан Ќучук, постојан известител на Европскиот парламент за Република Северна Македонија имаа можност да разменат мислења за меѓусебните односи и можностите за зајакнување на партнерството на Северна Македонија и Европската Унија.
Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската унија (ЕУ) е формиран врз основа врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија, Резолуцијата на Европскиот парламент од 10 март 2004 година, како и со Одлука на Собранието на 7 декември 2004 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кривична за поранешни директори на Пошта поради незаконски набавки и штета од 32.500 евра

Полицијата поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. – поранешни генерални директори на АД Пошта, поради сомнение за несовесно работење во службата.
Според информациите од истрагата, тие во текот на 2023 година не извршиле соодветен надзор врз работата на подредените раководители на подружници, со што овозможиле да се реализираат набавки спротивно на законската постапка.
На овој начин, биле направени набавки во вредност од 56.546 евра, со што е надминат дозволениот праг, а на буџетот на компанијата му била нанесена директна штета од над 32.000 евра.
Македонија
Лажни налози и злоупотреба на печат – пријавен раководител од Шуто Оризари за измама од 3,6 милиони денари

Полицијата расчисти случај во врска со измама во службата, при што поднесе кривична пријава против Д.А. (51) вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари, поради сума од 3.600.000 денари, односно над 58.000 евра.
„Имено, според сознанија од истрагата, осомничениот при крајот на 2023 година како раководител на сектор во општина Шуто Оризари со цел да прибави противправна имотна корист – од буџетската сметка на општината, по основ на одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на парични средства злоупотребувајќи печат на општината како и скратен потпис на актуелен градоначалник на истата“, велат од МВР.
Притоа откако ги пуштил паричните средства од тресорска сметка парите биле префрлени по основ на три налози кон правно лице од Скопје, а дополнително осомничениот формирал уште едно правно лице во кое тој бил сопственик каде што исто така пуштил уште два парични налози. На тој начин осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за 3.600.000 денари.
Македонија
УЈП спроведе 243 контроли за фискализација минатата недела: кај 37,4% од контролираните субјекти утврдени неправилности

Во периодот од 11.08.2025 – 17.08.2025 година, Управата за јавни приходи спроведе вкупно 243 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарници и други трговски објекти за продажба на мало.
Како што известува УЈП, контролите биле реализирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од вкупно 243 контролирани субјекти, кај 37,4% односно 91 од контролираните субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 91 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот.
За седум субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување). Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна:
· Во Скопје извршени се 31 контроли, а утврдени се 13 неправилности;
· Во Битола, Охрид, Струга, Демир Хисар и Ресен извршени се 67 контроли, а утврдени се 12 неправилности, од кои: 1 во Битола, 1 во Охрид, 6 во Струга, 1 во Демир Хисар, 3 во Ресен;
· Во Прилеп, Кавадарци, Велес и Кривогаштани извршени се 42 контроли, a утврдени се 12 неправилности, од кои 2 во Прилеп, 1 во Кавадарци, 7 во Велес и 2 во Кривогаштани;
· Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 44 контроли, а утврдени се 29 неправилности, од кои: 17 во Тетово, 9 во Гостивар и 3 во Дебар;
· Во Куманово и Крива Паланка извршени се 16 контроли, а утврдени се 2 неправилности, од кои во Куманово не се утврдени неправилности, а 2 неправилности се утврдени во Крива Паланка;
· Струмица, Дојран, Гевгелија, Богданци, Василево, Пехчево и Берово извршени се 43 контроли, а утврдени се 23 неправилности, од кои: 12 во Струмица, 3 во Дојран, 4 во Гевгелија, Богданци без неправилности, 1 во Василево, 1 во Пехчево и 2 во Берово. Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување, се наведува во соопштението на УЈП.