Македонија
Јолевски: Обвинители ќе се избираат откога ќе се изгласаат измените и ќе се смири ситуацијата во Собранието
Советот на јавните обвинители ќе избира обвинители во 11 обвинителства тогаш кога ќе се види дали пратениците ќе ги изгласаат измените на Законот за работните односи, со кој ќе се овозможи јавните обвинители, кои, според сегашниот закон треба да одат во пензија, да може да продолжат со работа. Втората причина поради која не се направи изборот е фактот што не е завршено оценувањето на кандидатите. Доколку Советот сега изберше нови обвинители од кандидатите, а Собранието ги изгласа измените, ќе има по двајца обвинители на иста позиција. За овој закон два дена се случуваше хаос во Собранието.
„Навремено објавивме оглас кога не постоеше предлогот за изменување на Законот за работните односи, каде што се дава можност за продолжување на мандатот. Сега со ова што се случува во Собранието, дали ќе се донесе или не, ќе биде преурането. Ако ние донесеме сега одлука за основен обвинител во Прилеп и се продолжи рокот за пензионирање на јавните обвинители, тогаш ќе имаме двајца основни обвинители. Затоа моравме да одложиме. Објавен е и оглас за сите обвинителства, сметавме дека најцелисходно е да се изврши извор одеднаш на сите обвинителства, да не одиме со цепкање на огласот. За законот ќе видиме утре“, рече Антонио Јолевски, претседател на Советот за јавните обвинители.
Тој вели дека 11 обвинители требало да бидат заминати, ако не им беше продолжен мандатот со одлука на Советот, а сега и работниот век, со законот што се чека пратениците да го гласаат на пленарна седница.
„Изборот беше закажан кога очекувавме да се направи оценувањето. Бидејќи настана процесен проблем со оценувањето, не ни се доставени навреме оцените и не е завршено оценувањето, особено за Вишото обвинителство во Штип, каде што кандидати се обвинители од тоа обвинителство, а и сегашниот јавен обвинител, кој по закон мора да прави оценување на другите“, изјави Јолевски.
До крајот на годината, ако не се изгласаат измените на Законот за работните односи, кој е со европско знаменце, во Собранието и се гласа по скратена постапка, ќе треба во пензија да заминат 13 обвинители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

