Економија
РКЕ: Цената на електричната енергија во просек ќе се зголеми 7,4 проценти

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлуки со кои просечната цената за електрична енергија за 98,8 % од домаќинствата ќе се зголеми во просек 7,4 %.
„Без блок-тарифите, цената на електричната енергија за сите домаќинства ќе се зголемеше 17,74 % наместо сегашните 7,4 % за 98,8 % од домаќинствата. Со оваа реформа на тарифниот систем се штитат најранливите категории“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Новите цени за универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“ ДОО Скопје, кои ќе бидат во сила од 1 јули 2022 година, се димензионирани скалесто по блокови, така што оние што трошат помалку електрична енергија, ќе плаќаат пониска цена, за разлика од оние што имаат поголема потрошувачка, ќе плаќаат поскапа електрична енергија, посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Сметки зима
59,9 % ќе имаат покачување од 6,6 %
35,5 % ќе имаат покачување од 6,7 до 8,8 %
3,4 % ќе имаат покачување од 8,8 до 11,2 %
1,2 % ќе имаат покачување од 11,4 до 99,5 %
Сметки лето
77,2 % ќе имаат 6,7 % покачување
21,8 % ќе имаат покачување од 6,7 до 8,8 %
0,7 % ќе имаат покачување од 8,8 до 11,3 %
0,2 % ќе имаат покачување од 11,4 до 100 %
Во зависност од блоковите, во зима 59,9 % од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,6 %, а 35,5 % ќе имаат зголемени сметки од 6,6 до 8,8 %, 3,4 % од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8 до 11,2 % и само 1,2 % од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4 до 99,5 %. Во летниот период, во зависност од блоковите, 77,2 % од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 %, а 21,8 % ќе имаат зголемени сметки од 6,7 до 8,8 %. Само 0,7 % од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8 до 11,3 % и 0,2 % од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4 до 100 %.
Блок-тарифи ( kW/h)
Прв блок 0-210, 5,5 %; Втор блок 210-630, 10,3 %; Трет блок 630-1050, 18,3 %; Четврти блок 1050 > 138, 7 %
Енергетски компании побараа значајни зголемувања на тарифите за нивните услуги, но РКЕ не ги прифати сите нивни барања и одобри многу помали проценти, информираат надлежните.
Трошоците за набавка на електрична енергија на „ЕВН хоме“ на годишно ниво се зголемени 57,4 милиони евра во однос на планираното од декември 2021 година поради враќањето на голем број компании и јавни институции од либерализираниот на регулираниот пазар на електрична енергија поради што „ЕВН хоме“ мораше да направи дополнителен увоз на електрична енергија во износ од 33,2 милиони евра. Со укинување на кризната состојба, „ЕВН хоме“ има и дополнителен трошок за обновливи извори за енергија во износ од 9,5 милиони евра. Дополнително, новата цена на eлектричната енергија што ЕСМ му ја испорачува на „ЕВН хоме“ е зголемена 17 %, од 41 евро за MWh на 48 евра за MWh.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени над 340 милиони денари субвенции за обележани говеда

Денеска се исплатени 341.536.000,00 денари кон 4.144 земјоделци, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исплатата е извршена по основ на дополнителни директни плаќања за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Се реализираше исплатата на подмерка 2.2 Дополнителни директни плаќања од подмерки 2.1, 2.4 и 2.5 за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои се корисници на подмерката 2.1. од Уредбата за 2024 година и сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко како корисници на подмерката 2.4. од Уредбата за 2024 година или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло како корисници на подмерката 2.5. од Уредбата за 2024 година, се наведува во соопштението на МЗШВ.
Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75 отсто и во третото тримесечје од 2026 година

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор, велат од НБ.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици, се додава во соопштението на НБ.
Економија
„Распад на енергетскиот систем: управата со измислени саботажи за РЕК ја покрива сопствената неспособност!“, велат од СДСМ

„После 10 дена од испаѓањето на РЕК Осломеј од мрежа, и најавите на неспособното раководство на ЕСМ дека истиот во рок од 48 часа ќе биде вратен на мрежа, сведоци сме дека РЕК Осломеј сеуште не произведува струја, а неспособното раководство прави неуспешни обиди од неуспешните обиди“, велат од СДСМ.
„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа, поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување, и за да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените.
Може слободно да заклучиме дека токму поради неспособноста на раководството на ЕСМ, оставка си даде и претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ и директорот на правниот сектор, не сакаат да бидат дел од бродот што тоне.
Ги повикуваме и останатите членови на Управниот Одбор на чело со Лазо Узунчев да бидат совесни и разумни и навремено да си поднесат оставки, да не го упропастуваат ЕСМ, бидејќи за истото ќе одговараат“, соопшти СДСМ.