Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски е ист како Заев, им го продолжува мандатот на судиите и обвинителите за да може непречено да продолжи со криминалот
Власта на СДСМ и ДУИ целосно го партизираат правосудството и преку измени на Законот за работните односи сака да им го продолжи мандатот на своите политички извршители, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Насилното и недолично однесување на пратениците од владејачкото мнозинство на комисијата за европски прашања, ставањето европско знаменеце на законот, недозволување на пратениците од опозицијата да дискутираат, е само уште една потврда дека Владата на СДСМ и ДУИ им го продолжува мандатот на судиите и јавните обвинители за да може непречено да продолжат со криминалот како и до сега. Ковачевски сака целосна контрола врз судството и Јавното обвинителство“, се вели во соопштението.
Од партијата велат дека СДСМ и ДУИ се на страната на криминалот и корупцијата и, како што додаваат, токму поради тоа им го продолжуваат мандатот на партиските војници во судските органи.
„Ковачевски е ист како неговиот шеф Заев и сака на насилен начин да им го продолжи мандатот на судиите и обвинителите кои до вчера носеа пресуди во корист на власта занемарувајќи ја вистината изнесена преку материјални докази и факти. Јавноста е сведок дека досега нема ниту една правна разрешница за криминалот на високите владини и партиски функционери на СДСМ и ДУИ.
Токму поради ова е ниската доверба од 8 проценти од страна на граѓаните во правосудниот систем во државата. Судството и Јавното обвинителство се под партиска капа и идеолошка контола на Владата на СДСМ. Ова е е најфлагрантното и најбрутално кршење на демократските процеси, а Владата директно го урива уставниот поредок преку мешање на извршната во судската власт. Потребни се промени“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, единствен излез од ваквата состојба се предвремени парламентарни избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла
Времето утре, променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.
Македонија
27,19 проценти е излезноста на граѓаните до 15 часот во вториот круг од локалните избори, според ДИК
Излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 15 часот е 27,19 отсто, според податоците објавени од Државната изборна комисија.
Според комисијата, излезноста за Град Скопје до 15 часот изнесува 29,94%.
Најголема излезност е забележана во Општина Карпош со 32, 40% и Општина Центар со 31,65%, најмала излезност за градот Скопје има во Општина Сарај 6% и во Чаир со 8,83%.
„Споредено со излезноста во првиот круг и пресекот направен тогаш во 15 часот, излезноста изнесувала 31,16% за градот Скопје.
Во однос на излезноста за градоначалници на општините според пресекот во 15 часот, процентот на избирачи кои гласале во избирачките места од кои се пристигнати податоци до ДИК изнесува 30,26%. Процентот на избирачки места од кои се пристигнати податоците изнесува 93,59%“.
Гласањето како што соопштија од комисијата се одвива непречено и во најдобар ред.
„Се што беше доставено како приговори за избирачко право се решава и сите граѓани непречено си го остваруваат своето право на глас“. Засега велат од таму не се пријавени никакви инциденти.
Македонија
(Видео) Во Карпош и Центар најголема излезност до 13 часот, а најмала во Сарај и Чаир, соопшти ДИК
За излезноста на гласачите за Град Скопје до 13 часот процентот на избирачи кои гласале на избирачките места од пристигнатите податоци до ДИК е 15,28%, односно на овие избирачки места гласале 71.849 гласачи, соопшти ДИК.
„Вкупниот борј на избирачи запишани во избирачкиот список изнесува 474.304 гласачи а податоците што се пристигнати до ДИК се од 678 избирачки места, што во проценти значи 98,98% пристигнати до ДИК“.
Најголема излезност за градоначалник на Град Скопје според ДИК се забележува во општините: Карпош со 22,14%, Општина Центар 21,58% и Кисела Вода со 19,57%. Најмала излезеност до 13 часот има во Сарај со 3,58% и Чаир со 5,34%.
Споредено со одзивот на гласачи во првиот круг и пресекот направен тогаш во 13 часот, излезноста била 20,07%, соопшти ДИК.
Одзивот на гласачите по другите општини до 13 часот процентот на избирачи бил 19,96% а бројот на избирачки места од каде пристигнале податоци до ДИК е 1279 или 93,15%. Споредено со првиот круг излезеноста во 13 часот била 20,12%.

