Спорт
Ф1 се дистанцираше од Еклстоун по неговата изјава дека би „примил куршум“ за Путин
Формула 1 шампионатот официјално се дистанцираше од поранешниот шеф, Берни Еклстоун по неговото контроверзно интервју во кое изјави дека би „примил куршум“ за неговиот близок пријател, рускиот претседател, Владимир Путин.
„Коментарите кои ги направи Берни Еклстоун се негови лични ставови и се во целосна спротивност со позицијата на модерните вредности на спортот“, велат од Ф1.
91-годишниот Еклстоун, кој и во минатото го опишуваше Путин како пријател, сега во интервју за „ИТВ“, вели дека целосно го поддржува рускиот претседател.
„Уште би примил куршум за него. Повеќе би сакал да не болело, но ако мора, тогаш би примил куршум. Зошто? Бидејќи тој е првокласна личност. И тоа што го прави е тоа што верува дека е вистинското за Русија. Конфликтот во Украина е грешка, но понекогаш правиш грешки и бараш излез од нив. Другата личност во Украина, чија професија како што разбирам е комедијата, треба да продолжи со таа професија, бидејќи мора да разговара со господинот Путин, кој е разумна личност и кој ќе го сослушаше“, изјави Еклстоун.
Кога презентерот Бен Шепард го посочи дека не може да ја оправда смртта на илјадници невини Украинци и руски војници, Еклстоун не се поколеба.
„Тоа не е намерно. Видете колку пати Америка влезе во други земји кои немаа врска со Америка. Во Америка тоа е нивна работа, биддејќи сакаат војни за да продаваат многу оружје“, додава Еклстоун.
Путин и Еклстоун станаа пријатели по додавањето на Руското ГП во Сочи во 2014 година, каде што честопати беше негов гостин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Флег игра чудесна руки сезона во НБА лигата
Купер Флег, 19-годишниот дебитант на Далас Маверикс и првиот избор на овогодинешниот НБА драфт, продолжи со одлични игри во својата прва сезона.
Флег, во поразот 100:110 против Бостон Селтикс, стана најмладиот играч во историјата на НБА кој постигнал најмалку 30 поени во три последователни натпревари.
Неговиот настап, како што објавија американските медиуми, во моментов малку им значи на Мавс, кои беа поразени во сите тие натпревари, но јасно укажува дека Флег е сегашноста и светлата иднина на клубот.
Последните три натпревари на Флег:
49 поени, 10 скока, 3 асистенции (пораз од Шарлот Хорнетс 121:123)
34 поени, 12 скока, 5 асистенции (пораз од Хјустон Рокетс 107:111)
36 поени, 9 скока, 6 асистенции (пораз од Бостон Селтикс 100:110)
Заедно со оваа статистика, НБА наведува дека Флег, роден на 21 декември 2006 година, стана најмладиот кошаркар во историјата на НБА кој одиграл три последовни натпревари со 30+ поени.
Исто така, само четворица тинејџери во НБА имале повеќе од еден одигран натпревар со 30+ поени, 5+ скока и 5+ асистенции. Тоа се Леброн Џејмс (4 такви натпревари), Кевин Дурант (2) и Лука Дончиќ (2).
Со своите неодамнешни 49 поени, тој го постави рекордот во НБА за бројот на постигнати поени од тинејџер во еден натпревар.
Foto/ EPA
Спорт
Јилдиз ќе потпише нов договор со Јувентус
Според извештаите од Италија, ѕвездата на Јувентус, Кенан Јилдиз (20), е подготвен да потпише нов, подобрен долгорочен договор со клубот, до летото 2030 година. Со новиот договор, турскиот напаѓач би добил значително зголемување на платата.
Тековниот договор на Јилдиз е до летото 2029 година, но „бјанконерите“ сакаат да го наградат за неговите одлични настапи и да го обезбедат неговиот престој.
Откако се појави на сцената во 2023 година, турскиот интернационалец го привлече интересот на бројни клубови. Затоа, Јувентус сака да му понуди подобрени услови за да го задржи на стадионот „Алијанц“ во годините што доаѓаат.
Неговата моментална плата наводно е 1,7 милиони евра по сезона, што значи дека тој не е ниту меѓу 15-те најплатени играчи во тимот.
Новиот договор би му донел годишна плата од околу шест милиони евра. Исто така, се шпекулираше дека Јилдиз би можел да стане еден од најплатените, ако не и најплатениот играч во тимот.
Според новинарот Ромео Агрести и порталот „Ilbianconero.com“, двете страни ги договараат последните детали, а потпишувањето на новиот договор сќе се случи наскоро. Во извештај објавен во вторникот се вели дека договорот би можел да биде склучен до крајот на оваа недела.
Foto/ depositphotos
Спорт
ФИФА даде зелено светло: Канте во Фенербахче, Ен Несири во Ал Итихад
Административниот проблем, кој се испречи пред Нголо Канте, го реши ФИФА. Светската фудбалска федерација даде зелено светло и му овозможи на фудбалерот да се пресели во Фенербахче.
Според договорот меѓу клубовите, Канте го напушти Ал Итихад и стана нов играч на Фенербахче, додека Јусеф Ен Несири замина во спротивна насока.
Договорот, кој за малку немаше да биде реализиран, поради грешката на Судијците, беше завршен со директна интервенција на ФИФА, надвор од вообичаените процедури и временски ограничувања.
Условите на размената останаа непроменети. Фенербахче доби искусен играч од средниот ред, но и 10 милиони евра, како компензација за заминувањето на многу помладиот Ен Несири.
Ал Итихад, од друга страна, го реши проблемот во нападот и донесе играч кој треба да ја преземе улогата на прв напаѓач во тимот.
На крајот, сите страни излегоа како победници од овој необичен трансфер.

