Економија
(Интервју) Дарко Димовски: Да кажеме стоп на партиските вработувања, има анархија во јавниот сектор

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска пред Собранието ќе постави столчиња во знак на поддршка на Комисијата за финансирање и буџет за да го изгласаат амандманот со кој се бараат средства во ребалансот на буџетот за линеарна исплата на 2.806 денари во нето-износ за вработените во јавниот сектор, најави во интервјуто за „Макфакс“, претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
„На тие осум пратеници што минатиот пат не го изгласаа амандманот ќе им ставиме жолт картон симболично за да им кажеме дека ги опоменуваме: Размислете дека тоа што го правите е против македонскиот работник. Ќе ги ставиме и нивните имиња и презимиња и доколку не биде изгласан, ќе ги читаме со имиња и презимиња и ќе бараме да си дадат оставка бидејќи не се достојни да го преставуваат македонскиот народ во ова време-невреме“, вели претседателот на ССМ.
На прашањето дали се оправдани барањата на јавниот сектор во услови на глобална криза, Димовски појаснува: На оваа инфлација и на овие шокови ние во ССМ се прашуваме дали ова од денеска е доволно, а не да биде преку леб погача. Ова е барање за егзистенција и е во вистински момент, но се прашуваме дали ќе го покрие и ќе го амортизира ова што се случува“.
Апелира дека државата треба да се свести за анархијата во јавниот сектор.
„Зошто го премолчуваме моментот кога знаеме дека речиси 4.000 работници не одат на работа. Знаеме дека уште толку партиски работници вработени сега или во минатото не одат на работа. Се прави анархија во јавниот сектор, самиот работодавец го ствара тоа. Да се свестиме и да кажеме стоп на партиските вработувања“, потенцира Димовски во интервјуто за „Макфакс“.
За односот со власта, дали е човек на Заев или на Мицкоски, за несогласувањата меѓу гранските синдикати, за следните чекори на ССМ – во интервјуто за „Макфакс“ одговара првиот синдикалец Дарко Димовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Компанијата Кожувчанка ја лансира првата Апликација – Потсетник за пиење вода, од Изворска!

Компанијата Кожувчанка повторно ја изненадува јавноста со иновација и новитет создавајќи ја првата апликација во Македонија која ве потсетува да се напиете вода и да останете хидрирани во текот на целиот ден!
“Ние како Компанија секогаш ги слушаме потребите на нашите потрошувачи и дејствуваме за подобрување на квалитетот на нивниот живот. Живееме во ова брзо време што ни носи многу грижи, настани и предизвици со кои сите ние се справуваме, па често ни се случува да заборавиме на себе и своите потреби. Затоа ја создадовме Изворска Апликацијата која ќе ве потсетува во текот на денот дека треба да бидете хидрирани! Таа е бесплатна за преземање, па ви посакуваме на сите – Со здравје користење.” – изјавија од Маркетинг секторот на Компанијата.
Како работи апликацијата?
Со користење на функцијата за скенирање на баркодот од Изворска етикетата, апликацијата точно ќе го препознае количеството вода што ја пиете, и ќе ви покаже колку литри уште треба да испиете за да ја достигнете дневната цел за хидратација.
А, ова се нејзините основни карактеристики:
• Бесплатна и лесна за користење: Преземете ја апликацијата и започнете веднаш!
• Персонализирана: Точно пресметува колку вода треба да пиете врз основа на вашите лични потреби.
• Потсетник: Заборавивте да се напиете вода? Нема проблем – апликацијата ќе ви испрати потсетување.
• Статистика: Следете го напредокот на вашата хидратација на дневно и месечно ниво.
Изворска Апликацијата е достапна за преземање бесплатно на платформите Google Play и App Store: app.izvorska.mk
Компанијата Кожувчанка и брендот Изворска продолжуваат да инвестираат во иновации кои го подобруваат здравјето и квалитетот на животот на своите потрошувачи, а оваа апликација е само еден пример за нивната посветеност.
Ваша,
Кожувчанка
ПР
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,43 п.п., при што во февруари таа изнесува 2,19%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,34 п.п. и изнесува 5,18%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска.
Економија
Седница на Советот на Народната банка: Донесена е регулатива за операционализација на Законот за решавање банки

Советот на Народната банка донесе 12 одлуки со кои се заокружува регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес.
Со овие подзаконски акти се операционализира Законот за решавање банки, којшто беше донесен на 3.10.2023 година, при што со нив се регулираат два основни вида активности: активностите коишто Народната банка и банките ги преземаат во редовното работење (т.н. подготвителни активности) и активностите коишто Народната банка ги презема во случај на решавање банка којашто е од јавен интерес и за која се исполнети условите за престанок со работа, известуваат од Народната банка.
Најзначајна активност во рамките на првата група активности е изработката на план за решавање за секоја банка и оцената на можноста за нејзино решавање. Целта на овие активности е обезбедување подобра подготвеност на Народната банка и банките за справување со кризни ситуации. Со цел да се зголеми отпорноста на банките во рамките на подготвителните активности, Народната банка ќе ја утврдува и висината на минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски (МРЕЛ) којашто секоја банка треба да ја исполнува. Во согласност со Законот, банките треба да ја достигнат висината на оваа стапка најдоцна до 31 декември 2032 година. Исто така, за потребите на финансирањето на решавањето банки е предвидено создавање Фонд за решавање банки, којшто ќе се финансира од годишните придонеси на банките и од други извори. Народната банка ја пропишува методологијата за утврдување на висината на годишните придонеси на банките во Фондот, а исто така ќе одлучува и за неговата употреба во случај на решавање банка. Со втората група подзаконски акти подетално се регулираат активностите и инструментите за решавање и овластувањата и одговорностите на Народната банка во случаите кога се исполнети условите за решавање банка, соопшти Народната банка.
Примената на овие одлуки започнува на 13 октомври 2025 година, со влегувањето во сила на Законот за решавање банки. Во согласност со овој закон, Народната банка е надлежен орган за решавање банки.