Македонија
Спасовски – Рашков: Нагласена важноста од интензивирање на борбата против организираниот криминал
Денеска, во Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија во Софија, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, со придружна делегација учествуваа на билатерална средба со министерот за внатрешни работи, Бојко Рашков.
„Како две соседни држави упатени сме на меѓусебна соработка и наш заеднички интерес е да имаме добри резултати и бенефит од ваквата соработка, што е еднакво важно како за министерства за внатрешни работи на двете земји така и за нашите две држави, но и за регионот“, рече Спасовски нагласувајќи ја посветеноста на МВР на Република Северна Македонија во унапредувањето и продлабочувањето на билатералната и оперативната соработка со бугарското МВР, во насока на зајакната регионална соработка како еден од главните приоритети, особено во делот на сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, недозволената трговија со дрога, шверцувањето мигранти и справувањето со илегалната миграција.
„Помеѓу двете служби имплементираат се форми на прекугранична полициска соработка содржани во ЕУ шенген-каталогот на препораки и најдобри пракси и во Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ. Токму во согласност со оваа Конвенција, во 2009 година се воспостави и функционира заедничкиот контакт-центар за полициска и царинска соработка ‘Деве Баир – Ѓуешево’, кој во тоа време беше единствен таков центар помеѓу земја членка на ЕУ и земја што не е членка на ЕУ. Овој контакт-центар е единствен уште по еден основ – тој, освен за полициска соработка, служи како контакт-центар и за царинска соработка“, потенцира Спасовски.
Ја нагласи и важноста од интензивирање на активностите во борбата против организираниот криминал преку формирање координативно тело на стратешко ниво, претставено од раководителите на организациските единици за борба против организиран криминал и тероризам, со можност за координативни годишни состаноци заедно со јавни обвинители, на кои би се дискутирало за заедничките закани и би се дал приоритет на заедничките активности за справување со тие закани.
Министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Бојко Рашков, ги оцени како одлични односите во делот на внатрешните работи и безбедноста меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Рашков ја сподели увереноста дека активниот и отворен дијалог за сите теми од заеднички интерес ќе биде поддржан и продлабочен и во иднина. Тој пред колегата Спасовски ја истакна важноста од одржувањето редовни директни контакти од причина што и двете страни се исправени пред заеднички предизвици за безбедноста за чие решавање се потребни и заеднички напори. Република Бугарија е подготвена да ги развива и продлабочува билатералната соработка и споделувањето искуства и експерти од областа на внатрешните работи како држава членка на Европската Унија. Министерот Рашков изрази увереност за уште поактивна и ефективна соработка во сите области, како што се: сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, нелегалната трговија со дрога, тероризмот, шверцувањето мигранти и справувањето со илегалната миграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

