Македонија
Петровска: Летниот кампус создава нови моќни пријателства

Министерка за одбрана, Славјанка Петровска, денеска присуствуваше на церемонијата на свеченото затворање и завршна вежба на меѓународниот „Летен кампус 2022“, што во изминатите две недели се реализира на армискиот полигон „Криволак“ и во Центарот за обука „Пепелиште“.
Летниот кампус, кој се реализира единаесетти пат, е во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и оваа година учествуваа 90 студенти и питомци од 16 партнерски и пријателски земји.
Петровска ги поздрави учесниците и посочи дека благодарение на овој кампус, питомци и студенти од 16 земји беа обучувани од професори и предавачи од македонската Воена академија, но и од професори од Хрватска, Словенија и од Унгарија, при што покажаа дека знаат како да демонстрираат заедништво, истовремено запознавајќи се со разчни култури и националности.
„Од она што го видов сега на оваа вежба, можам да кажам дека направивте одлична работа. Навистина сте посветени на она што го работите и навистина е добро што сме свесни дека имаме иднина сите заедно“, рече таа.
Додаде дека само заеднички можеме да се спротивставиме и да ги надминеме предизвиците и упати честитки до Воената академија за успешно реализираната активност.
„Сите заедно, од 16 земји, НАТО-сојузници, земји партнери на НАТО, кои заедно вежбаат, го споделуваат своето искуство, своето знаење и најмногу од сè создаваат нови пријателства и заедничка иднина. Ова покажува дека инвестирањето во вас е инвестирање во нашата иднина“, истакна Петровска.
На годинешниот Летен кампус учествуваат питомците и студентите од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Хрватска, Италија, Косово, Латвија, Црна Гора, Норвешка, Полска, Романија Соединетите Американски Држави, Унгарија и од Република Северна Македонија. За време на двонеделната обука беа реализирани: практична обука за односи со јавност, медицинска обука, борба во урбана средина, обука за импровизирани експлозивни направи, поставување кордон, претрес и справување со толпа, кои беа дел од симулираните мултинационални операции во поддршка на мирот во фаза на стабилизација, реконструкција и градење мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.