Македонија
(Видео) Ковачевски: Модифицираниот предлог е добра основа за разговори
Премиерот Димитар Ковачевски, по средбата со партнерите од владината коалиција, рече дека модифицираниот предлог е добра основа за разговори.
„Во европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно прифаќање на македонскиот јазик, како и тоа протоколот да не биде во преговарачката рамка.
„Преговарачкиот процес и меѓувладината конференција се инкорпорирани во предлогот. По оваа средба, целиот предлог ќе биде објавен на веб-страницата на Владата“, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека денешниот состанок е прв од низата консултативни средби со сите партнери.
„Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна од претходно. За да изградиме заеднички став, почнавме широк консултативен процес со опозицијата, граѓанскиот сектор и со медумите“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Основците и средношколците од утре на пролетен распуст
Од утре до 6 мај, учениците од основните и средните училишта ќе бидат на пролетен распуст.
Пролетниот распуст е воведен првпат во оваа учебна година, па затоа има промена и во календарот за настава.
Па така, учебната 2023/2024 година за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.
Ден претходно, односно на 7 мај, вторник, во училиштата каде што ќе се организира гласањето, ќе имаат скратени часови и работно време до 11 часот.
Неработните денови поради изборите ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
Учениците во Скопје треба да надоместат и за пропуштената наставата на 30 ноември лани кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, Министерството за образование и наука ги задолжи директорите на училиштата.
Македонија
Денеска сончево и топло, промена на времето со пороен дожд и грмежи од први мај
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени, велат од УХМР.
Стабилното и суво време, сепак, нема да се задржи долго. Веќе од средината на следната седмица, повторно се очекува дожд.
Промената на времето ќе започне уште во среда, на први мај, кога во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Поголема нестабилност со дожд и чести грмежи се очекува во четврток.
Македонија
Апасиев од Тетово: Под власта на учките од ДУИ, поддржани од корумпираната македонска елита, секое второ дете од Полог се раѓа во Швајцарија
,,Етнотрибализмот ни го сервираат како европска вредност. Ние создадовме општество на квоти, коешто ни донесе секое второ дете од Полог да се раѓа во Италија, во Швајцарија или надвор од Македонија“, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Првиот концепт кој што ни го нудат е концептот на дејтонизација. Либанизација на Македонија, бејрутизација на Скопје. Тоа е нивната агенда, спонзорирана од западните амбасади. Ни понудија модел на бинационален грабеж.
Ние сме единствена земја во светот со еден Парламент и две Влади. Но помина времето кога Македонецот беше инфериорен во сопствената држава. Левица е принципиелно против Бадентер и против Балансер“, истакна претседателот на Левица, Димитар Апасиев.