Македонија
ВМРО-НП: Во францускиот предлог нема ништо што го загрозува македонскиот јазик и идентитет
„ВМРО-Народна партија ја анализираше најновата и изменета верзија на „францускиот предлог“, и оценува дека во него нема ништо што го загрозува македонскиот јазик и идентитет. Секој договор е своевиден компромис но факт е дека бугарската страна има повеќе отстапено од нејзината последна позиција, т.н. рамковна позиција со која Македонија требаше самата да прифати и објави дека македонскиот јазик и нација се настанати од 1945 година“ стои меѓудругото во соопштението од ВМРО-НП.
Од партијата велат дека го прифаќаат предлогот и напоменуваат дека „не смееме да го испуштиме овој најнов предлог со кој се отвораат македонските евроинтеграци“.
„ВМРО-Народна партија ги повикува сите критичари на „францускиот предлог“ да не го прават тоа со кампањско отфрлање на целиот предлог туку да ја конкретизираат својата критика, кој член или кој став од предлогот сметаат дека го нарушува македонскиот идентитет. Доколку, отсуствува таквата критика ќе сметаме дека кампањски пристапуваат кон текстот, а немаат никаква суштинска забелешка. ВМРО-Народна партија не може, а да не го коментира однесувањето на поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров кој директно учествуваше во потпишувањето на договорот со соседна Бугарија и состави недоречен договор кој до ден денеска ни прави проблеми“ велат од партијата.
Нивниот став е дека „во овој момент имаме најмалку потреба од квазипатриотско однесување туку имаме потреба од државнички однос на сите оние кои се повикани да бидат одговорни за иднината на македонската држава“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Словенија ги призна возачките дозволи oд Македонија
Словенија усвои измени на Законот за возачи, со кои им се овозможува на носителите на возачки дозволи издадени во Македонија, кои живеат во Словенија, да ја заменат својата возачка дозвола без да го полагаат практичниот дел од возачкиот испит.
Истите бенефиции важат и за лицата чии дозволи се издадени во БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.
Според новите правила, секој што има регистрирано живеалиште во Словенија ќе може да ја замени својата возачка дозвола во рок од една година од аплицирањето. Практичниот дел од испитот нема да биде потребен, но ќе биде задолжително да се обезбеди доказ за ментална и физичка способност за возење.
Во име на предлагачот, Сандра Газинковски (Свобода) објасни дека овие измени не воведуваат никакви привилегии, туку ја отстрануваат непотребната нееднаквост.
„Тоа е административна пречка што ги забавува процедурите за вработување и им предизвикува на луѓето непотребни трошоци, чекање и дополнителни тестови“, изјави таа.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе се чисти секојдневно, скопјани заслужуваат убава, уредена и чиста метропола
Во рамки на тековните активности за уредување на јавните површини и подобрување на хигиената во градот, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја информира јавноста за интензивното чистење и одржување на кејот на реката Вардар.
„Континуирано се врши темелно чистење на кејот на реката Вардар, заедно со нејзиното корито. Екипите на јавните претпријатија во координирана и организирана акција, ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки – сè она што со години беше занемарено и што создаваше слика недолична за нашиот град, конечно станува дел од минатото.

Ова одржување ќе биде трајна практика. Кејот ќе се чисти секојдневно, бидејќи скопјани и сите гости на нашиот град заслужуваат убава, уредена и чиста метропола. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Се зголемува бројот на напуштени кучиња со активен микрочип
Јавното претпријатие „Лајка“ предупредува на континуиран и загрижувачки тренд на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип, односно со јасно утврдени сопственици. И покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите миленици, што создава дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.
Од претпријатието наведуваат дека девет кучиња заловени во последниот период имале сопственици кои свесно ги напуштиле. Секое од овие кучиња, велат од „Лајка“, претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што го зголемува бројот на напуштени миленици и проблемите за заедницата.
Во соопштението се посочува дека напуштањето миленик претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но дека не постојат прекршочни мерки што би ги санкционирале сопствениците кои свесно ги оставаат чипираните кучиња да талкаат. Овој системски недостаток, додаваат од претпријатието, доведува до тоа ваквите животни да завршуваат во „Лајка“.
Од претпријатието истакнуваат дека секој сопственик има етичка обврска да се грижи за миленикот и, доколку повеќе не може, да побара помош, да најде нов дом или да контактира прифатилиште, но не и да го остави кучето на улица.
ЈП „Лајка“ нагласува дека ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но дека ситуацијата со напуштени чипирани миленици покажува колку е потребно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.

