Македонија
Шилегов: Да бидеме мудри, за да останеме горди
Да бидеме мудри, за да останеме горди, напиша поранешниот градоначалник на социјалните мрежи во врска со францускиот предлог.
„Постоењето на македонската држава и самобитноста на македонскиот народ, на Балканот, секогаш било проблематизирано. Околу 200 години се поминати, како сегашните наши соседи (со исклучок на Албанија) започнале да ги формираат своите држави и нации. За жал, ние Македонците, тој процес на формирање на нашата држава сме го заокружиле во текот на Втората светска војна. Народот имал македонска самосвест, далеку пред да ја создадеме нашата држава.
Овој временски расцеп, помеѓу осознавањето на народот и формирањето на државата, овозможил околу нас да се формираат силни негации и негаторски политики. Од сите соседи. Затоа е и оваа наша историска нерамноправност“, вели Шилегов.
Додава дека нема да навлегува во историските случувања. Тие, како што вели, нам на Македонците, ни се добро познати.
„(Во 1992 година започнавме со Лисабонска декларација во која не постоеше ни М од Македонија ни посебност на македонскиот народ). Со упорна и мудра политика, со компромиси кои никогаш не ја загрозиле нашата самобитност и државност (а секогаш беа болни и емотивни), успеавме како народ (еве нека не се политички партии) да нашата македонска држава ја направиме членка на ООН и НАТО.
Сега сме исправени пред последниот чекор на дооформување на македонската државност. Членство на македонската држава и македонскиот народ во ЕУ. Во едно семејство со останатите европски народи и држави.
Болен е процесот. И емотивен. Не е правичен, ниту принципиелен, не е ниту фер, но кога имало правичност и принципелност кон нас? И кога историјата била фер кон нас? Впрочем ја совладуваме последната соседска пречка (сетете се само какви беа стартните позиции на Бугарија)“, појаснува Шилегов.
„Со мудрост можеме да успееме сите заедно. Нема да дозволиме никој да го негира нашиот јазик во ЕУ. Таму ќе сме со чист македонски јазик (проблемот на Бугарија со нашиот македонски јазик, останува само бугарски проблем и само нивно видување).
Проблемот со нашата македонска историја, останува повторно само проблем на Бугарија и не е дел од нашите преговори за членство.
Затоа велам, само со мудрост можеме да останеме горди Македонци.
Сите имаме право на емоција. Чуствителни се овие прашања. Најинтимни. Најлесно е да се каже не е фер, не е исто за нас. И јас лично така мислам. Но ? Утре нештата ќе бидат по фер, попринципиелни ? Или ќе ја повторуваме нашата голгота ?
Сите сме должни и да имаме мудрост. Немаме право на дневнополитичка емоција, затоа што ова не е дневно, туку историско и стратешко прашање. Затворање на еден циклус. За да после 200 години, конечно ја заокружиме нашата државност и го затвориме прашањето на нашата македонска посебност !!!
Само ако сме мудри, утре ќе бидеме горди !!!
Македонци кои зборуваат на македонски јазик !!! Рамноправен европски народ !!!“, нагласува во напишаното поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил на граничниот премин Ќафасан.
Пратката, составена од 2.167 пакувања по 12 килограми, е вратена во земјата извозник поради неисполнување на условите за увоз.
Од АХВ соопштија дека забраната е донесена врз основа на претходно решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил, со цел да се спречи внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип).
Според правилата, забранет е увозот на пратки добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пукна меурот од конструкции на СДС, документи и докази ги рушат мигрантските лаги на СДС, Филипче е разоткриен
„Хистеријата на СДС и Филипче за лажните вести што ги создаваат и пласираат се распукнаа како меур од сапуница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието на СДС и Филипче излезе на виделина пред очите на целокупната јавност.
За разлика од глумата на Филипче во улогата на патриот, менувањето ставови и ширењето лаги за непостоечки теми од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ има јасна државотворна позиција против политиките што ја загрозуваат безбедноста и интересите на граѓаните на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и тогаш, и сега води антиемигрантска политика.
Фактите се јасни и документирани, СДС на чело со Заев и Филипче отворено нудеа Македонија да стане паркинг на мигрантски кампови. Вистина е дека постоеја планови, постојат изјави и постоела волја кај СДС, Заев и Филипче да се вдомат мигранти.
Филипче и Заев биле спремни за населување на мигрантите во Скопје, во 2018 година усвоиле План за изградба на мигрантски камп во Бардовци.
Филипче туркал камп во Бардовци и гласал да се доселат мигранти во Македонија, а за сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.
Филипче растура пердуви со лажни теми и игра криенка по партиските штабови додека бега од новинари и новинарски прашања.
Додека Филипче бега, вистината ги стигна и излезе на виделина. Наместо спинови и паника СДС нека одговори колку мигранти беа спремни да примат во 2018 година?
Кој ги договараше камповите?
Зошто тогаш Филипче молчеше во знак на одобрение а денес глуми патриот и принципиелност?
Време е СДС и Филипче да се посветат на мигрантите од сопствените редови кои им бегаат во други партии и да си ја реформираат партијата. На Македонија и е потребна зрела и конструктивна опозиција“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.

