Македонија
СДСМ: Пред нас е предлог со чист македонски јазик, Мицкоски само сака да и наштети на државата

Предлогот на француското претседателство е јавно објавен и граѓаните јасно можат да видат се, велат од СДСМ.
Она што е клучно, како што појаснуваат е тоа што се вградени нашите ставови и забелешки, имаме чист македонски јазик во ЕУ, македонскиот идентитет е заштитен целосно, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес.
„Потонаа во вода и сите измислици и лаги за наводна бугаризација и асимилација. Во меѓувреме, започнат е широк процес на консултации за овој предлог, како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Кога се во прашање теми од врвен национален и државен интерес, како што е евроинтеграцискиот пат на државата, иднината на граѓаните и заштитата на македонскиот идентитет, потребна е одговорност, зрелост и државнички капацитет. И тоа го гледаат сите, освен Христијан Мицкоски кој сака отворениот процес на широки консултации да го попречи на самиот почеток, преку протести“, се додава во реакцијата од партијата на власт.
Вчера, додаваат од СДСМ, Мицкоски отворено пред целата јавност призна дека е против интеграција во Европската Унија.
Според оваа партија, со таквото негово признание Мицкоски потврдил дека никогаш не бил за членство на државата во ЕУ, дека свесно и намерно ги правел сите блокади и опструкции кои ја оддалечуваа државата од интеграција во ЕУ.
„Со месеци Мицкоски бараше предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега. Заедничкото делување со проруската инсталација Левица покажува дека ова е делување на анти НАТО и ани ЕУ коалиција. Ништо ново не се деструкциите, блокадите, обидите за нови поделби од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но тие секогаш биле препознавани и поразувани од граѓаните и така ќе биде и сега“, се посочува во напишаното од страна на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде претежно сончево со слаб до умерен северен ветер

Времето денеска ќе биде претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен.
Во Скопје ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе искачи до 31 степен.
Од Управата за хидрометеорошки работи информираат дека за време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот, а потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.