Македонија
(Видео) Ковачки: Власта со предлогот и овозможува на Бугарија целосен диктат

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, оценува дека власта ја лажеше македонската јавност во врска со Предлогот за отпочнување на преговорите со ЕУ. Владата на Ковачевски лажеше затоа што со овој предлог прават трајна штета на македонските национални и државни интереси, кои водат или кон вечно преговарање или кон асимилација, промена на учебниците, промена на историските читанки за лица и настани од македонската историја и директно задирање во идентитетските прашања, додава Ковачки.
„Со еден збор, владата на Ковачевски предвидува Предлог кој целосно ги опфаќа бугарските барања. Ковачевски и Владата го лажеа народот и кога говореа дека наводно одбиле првичен предлог, за потоа да излезе на виделина дека новиот предлог е ист и со козметички и семантички несуштински измени. Вистината е дека прифаќаат предлог кој во себе содржи механизми кои на Бугарија и овозможуваат целосен диктат на процесот во кој или ќе ги прифаќаме нивните барања или ќе добиваме континуирано вето. Тоа е втората лага на Ковачевски и неговата Влада“, истакнува Ковачки во изјавата.
Тие, како што вели, тврдат дека во рамката за почеток на преговори не се опфатени т.н. историски прашања, но во суштина, смета Ковачки, истата таа рамка содржи Годишен извештај или Протокол кој треба да го цени официјална Софија и од чија содржина зависи напредокот на Македонија.
„Е токму тука во овој годишен извештај ќе се проценува реализацијата на членот 12 од договорот со Бугарија од 2017 година и во кој извештај таксативно и прецизно бугарската страна бара конкретни промени на учебници за лица и настани, споменици и т.н. Така на пример, со точен рок се обврзува македонската страна да направи промена на лекции во учебникот за 7 одделение по географија, во учебникот по историја за Цар Самоил, а во некоја наредна фаза и промена на учебниците кои се однесуваат на Илинденското востание, Гоце Делчев, Сандански, Груев и сите видни револуционери и историски настани. Ова е диктатот кој владата на Ковачевски е спремна да го прифати за да обезбеди сликање кое треба да биде новото селфи од авиончето, бидејќи вистинскиот почеток на преговори би следел после менувањето на македонскиот Устав“, појаснува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Суштинското отворање на пристапниот процес, оценува Ковачки е условен од промена на Уставот, за кој прво истата таа власт тврдеше дека ќе се случи на крајот пред самото членство, за сега да го направи на самиот почеток, без никакви гаранции од нови условувања и понижувања.
„Попатно, не помалку важно ќе биде оценувањето на говорот на омраза кој ќе се разгледува и оценува во рамки на Годишните извештаи кое е со широк опфат и овозможува селективно толкување од страна на Бугарија. Ете заради ваквите ултиматуми и понижувања велиме не благодарам. Заради ваквите лаги на власта на Ковачевски народот масовно излезе и вечерва ќе излезе, гласно и јасно кажа НЕ на асимилацијата на рати која ни се подготвува со овој предлог. И токму затоа граѓаните ќе продолжат и денес со својот мирен и достоинствен протест и денес во 19 часот пред платото на Владата“, додаде Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Царински инспектори пронајдоа дрога во стан на студентка, државјанка на Турција

Психотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, мефедрон и марихуана е пронајдена при претрес на дом во Гостивар во кој престојувала студентка, државјанка на Република Турција. При претресот, извршен по добиен налог од надлежното обвинителство, инспектори од Одделението за истраги, пронајдоа вкупно шест таблети од 0,29 грама прихотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис, извести Царинската управа.
Во текот на предистражната постапка е утврдено дека студентката примила авионска пратка испратена од физичко лице од Белгија, заведена како „нотес“. По приемот на пратката, осомничената ја отворила и од неа ја извадила дрогата. Во истиот момент, царинските инспектори, со налог на јавен обвинител, извршија претрес, при што е пронајдена дрогата.
Со наредба на јавниот обвинител, запленетите супстанци се доставени на вештачење во МВР, каде е потврден нивниот хемиски состав.
Против осомничената, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесе кривична пријава до ОЈО Гостивар за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215, став 1 од Кривичниот законик.
Македонија
Мицкоски: Венко дури ни неговите пратеници од СДС не го поддржуваат и го оставаат сам да потоне

На вчерашниот народен митинг во Штип во рамките на изборната кампања за локалните избори со слоган „Вистинскиот избор! Tвојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој се осврна на улогата на Венко Филипче во СДСМ и дека никој не го поддржува.
Мицкоски посочи дека на Венко воопшто не му е лесно, затоа што во улогата што ја игра во СДСМ е многу осамен и никој не му верува, па затоа ни неговите пратеници не му веруваат и не му доаѓаат на митинзите и го оставаат сам да потоне, а не пак народот да го гласа на избори.
„Искрен да бидам, човек да не му е во кожата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој во таа улога е осамен, дури ни неговите пратеници од СДСМ не го поддржуваат, не му доаѓаат на митинзите. Сам се препотува и жилави, затоа што ниту тие не му веруваат во работите кои ги кажува и го оставаат сам да потоне. И навистина, човекот не може да ги убеди ниту неговите пратеници да го поддржат, а не па народ да го гласа на следните избори“, рече Мицкоски.
Мицкоски од митингот во Штип се наврати на она што е направено изминатите 15 месеци централна власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како и наследена состојба во државата.
„Овие 15 месеци како Влада, дадовме сè од себе да ја нормализираме државата и помогнеме на многу граѓани. Затекнавме темели кои се разрушени, доверба која е ниска во системот кој пак е расипан и нефункционален на многу нивоа. Но и во едни такви услови постигнувавме резултати“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека едно од фундаменталните ветување на минатата изборна кампања, на парламентарните избори, беше линеарното покачување на пензиите на сите пензионери за 5000 денари и тоа се реализираше во првите девет месеци власт, додека во првите година и половина, пензиите ќе бидат за седум илјади денари линеарно зголемени.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 22 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До вторник ќе се задржи стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Под влијание на влажни воздушни маси, од среда ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе опадне за неколку степени.