Спорт
Кога Вимблдон зависи од деца
Од Лондон, Ненад Живановски
Тие се во „сенка“, иако постојано се на сонце. Тие се незабележливи, иако ги гледате на ТВ-екранот како претрчуваат. Тие се анонимни, иако и Ѓоковиќ и Медведев и Надал со задоволство прифаќаат да се фотографираат со нив. Тие се собирачи на топки или популарно се нарекувани на Вимблдон ball boys и ball girls (ББГ). Момчиња и девојчина на кои секој победник на турнир ќе им се заблагодари и ќе рече дека без нив турнирот не би бил можен.
Секој Вимблдон првиот ден многу време посветувам гледајќи во нив и секогаш одново сум импресиониран колку воиграно и координирано си ја вршат својата работа, која едноставно може да се нарече собирање топчиња. Меѓутоа, таа е многу повеќе од тоа – од моментот кога топчето ќе падне на земја, па до моментот кога ќе се појави на тенискиот рекет на тенисерот, тоа е цел еден процес, кој автоматизирано, со воиграни eye contact и body language го извршуваат овие деца.
Така увежбани, на некои им наликуваат како да се припадници на специјалните единици; низ Вимблдон се движат формациски еден зад друг и по десетина на број, на терените се без каква било емоција на лицето и сите стојат во ист став – на сонце или на ветер, извршувајќи ги задачите како роботи, со идентични движења на сите нив.
Престижно е да се биде ББГ на еден од четирите гренд-слемови, иако овие од Вимблдон важат за најелитни од четирите големи турнири. Чарли Бренон е еден од нив – елитните. Ball boy на Вимблдон е веќе неколку година по ред, со намера да учествува и наредната.
Сосема случајно го сретнав кога дојде на автобуската станица, облечен во карактеристична работна маица. Не сакав да ја пропуштам шансата да поразговарам со него. Без проблем ја прифати молбата за разговор, кој го водевме на најнеобичното место на кое сум правел интервју кога било – на горниот кат од даблдекерот, додека се возевме во ист правец од Вимблдон кон Морден.
На моето прашање како се станува ББГ, русокосиот Чарли ми одговори:
„Во основа, ако вашето училиште е во близина на Вимблдон, организаторот ги скаутира потенцијалните момчиња и девојчиња кои ќе бидат ангажирани на турнирот. Јас бев еден од нив. Најпрвин претстои пробно тестирање, за да се види дали ги исполнувате основните критериуми. Кога еднаш ќе го поминете пробниот период, ако сте доволно добар, тогаш влегувате на Вимблдон и повеќе контактите не се преку училиштето туку директно меѓу вас и организаторот. Тогаш започнува процесот на обука и тренирање, кој трае околу девет месеци за потоа да можете да учествувате на турнирот како ББГ“.
За критериумите што се потребни да бидат исполнети за да можеш да бидеш селектиран, Чарли ми појасни:
„Ако си повисок, тогаш можеш да стоиш зад задната линија – тоа се позициите каде што стојат четворица и ги додаваат топчињата на тенисерите да сервираат. Ако си понизок, како јас, тогаш најчесто си поставен на центарот, зад мрежата. Исто така, потребно е да си во добра физичка кондиција, секој тренинг ние правиме десет минути загревање, што се состои и од 3-4 трчања околу теренот. По секој тренинг, поединечно сме оценувани и доколку не си доволно добар, може да бидеш елиминиран. Старосната граница е во просек 13-14 години, но и нешто погоре, но на 18 години веќе се смета дека си стар за да бидеш ББГ.
Следно што ме занимаше беше дали еднаш кога ќе бидеш ангажиран као ББГ имаш сигурност дека и наредната година ќе бидеш повикан, или секоја година се прави нова селекција?
„Секоја година се регрутираат нови ББГ, но, исто така, се повикуваат и старите од последните 2-3 години. Ако претходно си учествувал и ако си доволно добар веднаш го почнуваш пробниот период, без претходна селекција. Јас сум неколку година последователно ball boy и се надевам дека и следната година ќе бидам ангажиран“.
На прашањето дали овој ангажман е волонтерски, или се платени за него, Чарли ми одговори:
„Платени сме околу 200 фунти за двете седмици колку трае турнирот. Но, тоа зависи и од деновите. Обично после петокот помалку сме платени бидејќи има и помалку мечеви на турнирот и немаат потреба од толку ББГ. Ако останеш до последниот ден т.е. до финалето, тогаш си платен околу 240 фунти“.
Бидејќи на Јутјуб има снимки како некои собирачи на топки колабираат на терен од топло време, ме интересираше колку им е напорно кога се високи температурите, а тие мораат да стојат на сонце.
„Пред натпреварот се мачкаме со креми за да се заштитиме од сонцето. Исто така, имаме со нас и термоси со ладна вода и можеме да се освежиме при секоја пауза. Ако се случи некој да колабира, тука се интервентните екипи да го повратат, но и секогаш има резервни момчиња и девојки кои се подготвени да влезат и заменат некого. Никој од нас не стои на еден меч повеќе од еден час бидејќи организаторот знае дека топлото време нè исцрпува и секогаш по еден час се прави замена со нови ББГ. Во текот на денот еден ББГ може да биде ангажиран најмногу четири часа, но никогаш тие не се во континуитет“.
На крајот од разговорот, логично се наметна прашањето дали Чарли тренира тенис и кој му е омилен тенисер.
„Не тренирам, но дефинитивно Вимблдон ме инспирира овие неколку години колку сум ball boy да решам наскоро да почнам да тренирам. Од тенисерите го обожавам Ник Кириос поради неговиот темперамент бидејќи е забавен и смешен. Мислам дека тој и нема тренер, туку самиот се тренира, што ме воодушевува. Исто така, го сакам и Новак Ѓоковиќ. Тој е број еден и за мене“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Мароко по пенал рулетот во финалето на Африканскиот куп на нации
Фудбалерите на Мароко изборија пласман во финалето на Купот на африканските нации, откако ја победија Нигерија (4:2) по изведувањето на пенали. Мароко на тиутла во Африканскиот куп чека 50 години, а последен пат во финалето играше пред 22 години.
Иако овие две селекции постигнаа многу голови во текот на целиот турнир, особено Нигерија, во Рабат, одиграа „тврд“ натпревар. Важноста на дуелот го направи своето, па не е чудно што о 120 минути немаше голови.
И двете селекции пропуштија добри можности на самиот почеток. Прво, Брахим Диас од едната, а потоа и Адемола Лукман од другата страна.
Мароко, поддржан од поддршката од трибините, беше малку поагилен и се закани уште два пати преку Ашраф Хакими и Нусер Мазрауи, но немаше промена во резултатот.
Второто полувреме беше здодевно, а се издвоија само два обида на Абде Езалзули, но Стенли Нвабали ги одбрани двата удари.
Во продолжение каде што немаше шанси, па вториот финалист беше решен во пенал рулетот.
Ролеркостер од емоции доживеаа сите марокански навивачи, бидејќи Хамза Игамане, играч кој играше само една минута на турнирот пред полуфиналето, промаши пенал во втората серија.
Нигеријците не успеаја да ја зачуваат таа предност. Веднаш возврати Чуквезе, во четвртата Бпну на чудесен начин го одбрани пеналот на Ониемеачи, а Ен Несири потоа погоди за голема радост на трибините.
Мароко за титулата ќе се бори против Сенегал. Инаку и двете овие селекции досега само еднаш биле шампиони на Африка.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Сензација, Албасете го елиминира Реал од Купот на Кралот
Второлигашот Албасете креираа сензација во осминафиналето во Купот на Кралот, со победата над Реал Мадрид 3:2.Апсолутен херој на домашниот тим е Хефте Бетанкор, кој постгна два гола, вториот во 94-та беше вистинска минијатура. Албасете во 15-от дуел успеа прв пат да го победи Реал.
Албасете, инаку 17-ти на табелата во Втората шпанска лига, два пати водеше, Реал експресно се враќаше во натпреварот. Се чинеше дека Реал на деботиот на новиот тренер, Алваро Арбелоа ќе избори продолженија, но тогаш на сцена стапи Бетакор кој го постави конениот резултат, 3:2.
Реал доживеа уште еден жесток удар во само три дена, откако беа поразени од Барселона во финалето на Суперкупот, останаа и без тренерот Чаби Алонсо, доживеаја и елиминација од Купот.
Не е изговор за гостите, но мора да се каже дека играа против Албасете без неколку стандардни фудбалери.
Од различни причини отсустваа: Мбапе, Александар-Арнолд, Белингам, Куртоа, Дијаз, Милитао, Карерас, Менди, Родриго, Ридигер и Чуамени.
Инаку, Хави Виљар го постигна првиот гол во 42-та минута, а три минути подцна изедначи Мастантуоно. Албасете предноста ја врати во 82-та минута кога првиот од двата гола го по постигна Бентакор, а изедначи во 91-та Гонзало Гарсија.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Арсенал го победи Челзи на „Стенфорд Бриџ“
Фудбалерите на Арсенал се блиску до пласман во финалето, во Лига купот. Вечерва на „Стенфорд Бриџ“, Арсенал го победи Челзи со 3:2, во првиот полуфинален натпревар.
„Тобпџиите“ пев пат победија на теренот на Челзи, во кое било натпреварување од 2022 година.
Актуелниот лидер во Премиер лигата поведе во седмата минута преку Бен Вајт, кој ја искористи катастрофалната реакција на голманот Роберт Санчез.
На стартот од вториот дел, во 49-та минута, Виктор Ѓокереш зголеми резултатот на 2:0.
Помалку од десет минути подоцна, Гарначо им даде надеж на домашните, но тимот на Микел Артета повторно се врати на +2, кога Зубименди постигна гол во 71-та минута.
Се чинеше дека тоа ќе биде сè на овој меч, но незивесноста ја врати Гарначо со својот втор гол во 83-та минута.
На крајот, сепак Арсенал победи, пред реваншот на 3 февруари на „Емирејтс“.
Foto/ EPA

