Економија
Дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар за земјоделците со житни култури
Националниот план за производство на храна содржи мерки за директна поддршка на земјоделците, со акцент на житните култури. Обезбедена е дополнителна мотивирачка мерка за производителите на житни култури од 5.760 денари по хектар за сите земјоделци кои имаат остварен принос од еден или повеќе хектари површина со пченица, јачмен, рж, овест и сончоглед и ќе го предадат во домашни преработувачки или откупни капацитети, соопшти Министерството за земјоделство.
„Од оваа година оваа дополнителна мерка е изменета, па ограничувањето на приносот од 5 до 50 хектари, кое претходно важеше, е заменето и истата мерка, од април ова година важи без ограничување од еден хектар, па нагоре за сите производители на житни култури. Оваа дополнителна финансиска поддршка на земјоделците им овозможува дополнителни средства како поддршка при процесот на производство на житни култури. Ги повикуваме сите земјоделци производители на житни култури да аплицираат и да ја искористат оваа мерка, крајниот рок за аплицирање по оваа мерка, за дополнителна поддршка од речиси 100 евра за зголемен принос е до крајот на октомври оваа година“, стои во нивното соопштение.
Донесениот Национален план за производство на храна обезбедува поддршка за земјоделците и при набавка на вештачко ѓубриво, а веќе поддршка по оваа мерка преку Интервентниот фонд е исплатена до 3.304 земјоделци.
Министерството за производителите на житни култури распиша и посебен јавен оглас за доделување под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, распоредено во 14 региони низ државата со вкупна површина од 5.722 хектари. Овој оглас предизвика голем интерес кај земјоделците и веќе со министерството се склучени рекордни 258 договори за закуп, информираат од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

