Македонија
(Видео) Маричиќ: Со официјалниот француски предлог го добивме она за кое се бориме со години
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешната прес-конференција со министрите за европски прашања на Финска и Ирска, Тити Тупураинен и Томас Берн, рече дека сега имаме шанса за судбоносното „да“ за европска иднина на земјата бидејќи со официјалниот француски предлог го добивме она за кое се бориме со години – чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, што за нас беше најважно во зачувување на нашите национални интереси.
„Тоа е она за што се боревме, што го посакувавме, тоа се нашите црвени линии, кои успеавме да ги зачуваме. И тоа треба да го вреднуваме и да го цениме. Покажавме дека имаме одговорност и стратегија во целиот процес“, рече на прес-конференцијата Маричиќ.
Министерката за европски прашања на Република Финска, Тити Тупураинен, рече дека гледа позитивни чекори и дека ги поддржуваат сите напори да се најдат заемно прифатливи решенија бидејќи почетокот на преговорите е од суштинска важност не само за Северна Македонија туку за целиот регион и ЕУ.
„Се работи за кредибилитетот на ЕУ и нејзината политика за проширување, а се разбира, ова е и прашање на мир и стабилност на Западен Балкан и според тоа претставува европско прашање за нас. Северна Македонија е позитивен пример на активен и конструктивен член на меѓународната заедница“, истакна Тупураинен изразувајќи благодарност за нашата добра соработка и нејзиното присуство во Северна Македонија во овој историски момент.
Вицепремиерот ја поздрави одлуката на Финска за зачленување во НАТО и ја потврди политиката на Северна Македонија на отворени врати за членство во НАТО изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи што е можно побргу.
Ирскиот министер за Европа, пак, рече дека во моментот се соочуваме со важна одлука за зајакнување на нашиот идентитет.
„Јас лично сум многу возбуден од можноста Северна Македонија да стане членка на ЕУ и од тоа што имав можност да го слушам македонскиот јазик во европското семејство затоа што јас доаѓам од земја во која не ни беше дозволено да зборуваме на ирски со години и со членството во ЕУ сега нашиот јазик има еден навистина извонреден статус и сигурен сум тоа ќе биде случајот и со македонскиот јазик“, истакна Томас Бирн.
Бирн потенцира дека и Ирска морала да направи навистина тежок компромис, но сепак го направиле тоа и дека во ирскиот случај сите лоши работи престанле со нивното членство во ЕУ пред речи си 50 години.
„Ние кога се приклучивме кон економската заедница пред 50 години имаше еден милион вработени во Ирска. Минатата година нашата статистичка служба извести дека таа бројка денеска, 2,5 милиона, е една изворна разлика, јас немам никаков сомнеж дека и вашата земја ќе просперира и ќе успее и економски и општествено штом ќе седнеме на европската маса. Ние ќе бидеме со вас, сакаме да бидеме со вас во секој чекор од процесот“, посочил министерот Бирн.
Маричиќ изрази и благодарност за принципиелната поддршка на нашиот реформскиот и евроинтеграциски процес и што го препознаваат напредокот на општеството во сите аспекти како резултат на европеизацијата, особено оние во областа на политичките критериуми и владеењето на правото, одржливиот економски развој и зелената агенда.
„И со двете земји Северна Македонија има добар потенцијал за соработка во рамките на ИПА-инструментите TWINNING и TAIEX, во чии рамки досега успешно реализиравме проекти во областа на зајакнување на менаџерските капацитети на државната администрација. Дополнително, искуствата на Финска и Ирска и тоа како ќе бидат од наша корист со почнувањето на процесот на преговори кога ќе треба да направиме голем и значителен исчекор во реформските процеси“, потенцира Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откриен обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички вредни 1,2 милиони денари
Царинската управа откри и спречи обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава заради сторено кривично дело „криумчарење“.

„Осомничениот е застанат за контрола од страна на мобилен царински тим, во внатрешноста на државата, веднаш по влезот во државата преку граничен премин Табановце, при што се пронајдени 4.752 пакувања со никотински ќесички со никотин и 48 пакувања никотински ќесички – снус кои содржат никотин и тутун. Стоката и возилото се запленети, а осомничениот е приведен на сослушување од страна на инспекторите за истраги“, соопштија од Царина.
Во предистражната постапка е утврдено дека стоката требало да биде предадена на лице за кое Царинската управа минатата година поднесе кривична пријава за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење – цигари без акцизни маркички и царинска измама.

По целосно завршување на истрагата, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС молчи на пратенички прашања за Груби, хистеријата и стравот од одговорност ги направи заложници на криминалот
СДС молчи на пратенички прашања за Груби, хистеријата и стравот од одговорност ги направи заложници на криминалот, вистакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту едно пратеничко прашање од страна на СДС кон членовите на Владата за Артан Груби. А толку беа гласни изминативе три дена со измислување на 10-тина тези, за кои народот секако не им поверува.
Но вистината, почитувани, полека но сигурно излегува на површина. Стравот од можните искази на Артан Груби за криминалите на поранешната власт на СДС и ДУИ очигледно го притисна паник тастерот во Бихаќка.
Дури и потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, отиде чекор понатаму, посочувајќи дека за еден од случаите во кои се сомничи Груби за сторен криминал, кривични пријави треба да добијат и неговите колеги од тогашната влада“.
Петрушевски прашува дали толку многу знае Груби, што некои поранешни функционери би биле подготвени да се жртвуваат. Дали, како што рче, паник тастерот во СДС го притисна кланот Заеви. „Дали стравот кај Вице и Зоран Заев навистина толку е голем, па затоа СДС со Филипче на чело застана во одбрана? Затоа ли Спасовски, Филипче и Зечевиќ делуваат видно вознемирени?
За криминалот, на крајот, има само еден одговор, а тоа е правдата“.
Македонија
Имаме чувство дека српски служби пробуваат да го ослабнат СДСМ, велат од оваа партија
Имаме чувство дека странски служби работат за различни цели, велат од СДСМ.
„Излезе информација дека странски служби дале информација за Груби дека е во опасност.
Беше 14 месеци, како што вели ВМРО (изгледа имале информации, а никој не го барал), на Косово и во Албанија – без никаква опасност.
А сега е во опасност во затворот Шутка, покрај сите мерки за обезбедување.
Посигурен е дома. Тоа сигурно – храната стигнува од ресторани, а и на телевизија има интересни содржини. Како во хотел.
Она што не го кажа Мицкоски е од која странска служба ја добиле информацијата, бидејќи како што се гледа од изјавите за медиумите од МВР и АНБ, никој ја нема таа информација“.
Од СДСМ прашуваат дали информацијата му стигнала од српска или од руска служба.
„Може ли тоа да ни го каже, или и тоа е тајна?
Исто така, покрај ова што наводно го прават странските служби во земја членка на НАТО, имаме чувство дека истите тие служби се занимаваат и со членови на СДСМ.
По бројните обиди за слабеење на СДСМ одвнатре, кои што не успеаа, истиот модел продолжува.
Така, имаме чувство дека поединечни членови продолжуваат контакти со служби, одат во амбасади, одат на ручеци – како што одамна прават некои т.н. новинари кои се во служба на водење антиевропска кампања со цел јакнење на руското влијание во Македонија“.

