Топ
НСДП го прифати францускиот предлог
Извршниот одбор на Новата социјалдемократска партија (НСДП) сооопшти дека одлучи да го прифати компромисниот предлог на француското претседателство за решавање на спорот со Република Бугарија и отпочнување на преговорите со Европската Унија ставајќи го во преден план државниот интерес.
Соопштението на НСДП го пренесуваме во целост:
„Имајќи го предвид политичкиот моментум во кој се наоѓа Република Северна Македонија, исправена пред стратешки предизвици од кои зависи иднината и правецот во кој ќе се движи државата, Извршниот одбор на НСДП, ставајќи го државниот интерес во преден план, одлучи да го прифати компромисниот Предлог на Француското претседателство за решавање на спорот со Република Бугарија и отпочнување на преговорите со Европската Унија.
Овој компромисен предлог е во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство, и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија од август 2017 година и Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции од јули 2021 година.
Со овој предлог македонскиот јазик како најбитен идентитетски белег станува рамноправен јазик во Европската Унија и целокупната правна документација на Европската Унија ќе биде преведена на кодифицираниот македонски јазик и македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици на Европската Унија.
НСДП при градењето на ставот особено го почитуваше ставот на научната и стручна јавност, како на Советот за македонски јазик (СМЈ), кој го донел следниот заклучок: „Точките поврзани со статусот на македонскиот јазик покажуваат дека самостојноста и оригиналноста на македонскиот јазик се испочитувани и дека македонскиот јазик станува еден од официјалните јазици во Европската Унија.“.
Утврдувањето на конечниот став по финалниот „Француски предлог“ за решавање на спорот со Република Бугарија, НСДП студиозно и аналитично го разгледа и донесе одлука во интерес на иднината, во интерес на демократскиот и економски развој на државата, во интерес на меѓународното етаблирање и геостратешко позиционирање на државата.
Затоа повторно ги повикуваме на државничко однесување сите политички и општествени чинители кои треба да се изјаснат по овој предлог.
НСДП бара Владата на Република Северна Македонија храбро да истапи и да го прифати „Предлогот на Француското претседателство со Европската Унија“ и истиот да го достави на разгледување во Собранието на Република Северна Македонија заради негово потврдување и донесување на обврзувачки заклучоци за неговата имплементација која мора да биде во рамките на Резолуцијата донесена во јули 2021 година“, се наведува во соопштението на НСДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неправилности и проблеми со „Безбеден град“ ќе се пријавуваат преку специјален пункт или на интернет
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот „Безбеден град“.
Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
„Тест периодот покажува дека Македонија има сила да биде нормална земја. Горд сум што македонските граѓани покажаа дека и во тест период кога ќе се вметне едно решение, граѓаните сфатија и го забавија возењето во рамки на главниот град. Граѓаните покажаа дека можат поинаку и дека сега се вистински Европјани. Намалени се бројките на сообраќајки на територија на Град Скопје, а особено на тешки телесни повреди и смртни последици“, кажа министерот.

Граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности и проблеми со системот „Безбеден град“ преку специјален пункт во склоп на управните служби на МВР, интернет-страница и мобилна апликација, најави Тошковски.
Тој нагласи дека се работи на остранување на сите неправилности и од 1 февруари возачите свесно ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот.
Економија
Мицкоски: Буџетот е ликвиден, трезорот нема да се затвори на 15 декември
Премиерот Мицкоски изјави дека Буџетот е ликвиден и сите обврски се извршуваат тековно. Како што појасни Мицкоски, 15 декември не е датум за затворање на трезорската сметка, туку рок до кој институциите е потребно да ги достават сите тековни расходи за навремена исплата.
Според премиерот, и по истекот на овој рок ќе има толеранција и институциите нема да бидат одбиени доколку поднесат налози подоцна. Целта на поставувањето на датумот, вели тој, е подобро планирање и навремено извршување на обврските.
„Јас не реков дека ќе се затвори трезорот, туку го поставивме 15 декември како датум кога сите иснтитуции е добро да ги достават сите оние тековни потреби, расходи и сите средства кои треба да се пренесат до доверителите. Се разбира на тоа додадов дека имаме толеранција. Се разбира дека нема ако некој дојде на 20 декември да речеме клучот е на врата и завршена е работата. Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Затоа јас ги молам сите институции да дојдат навреме. Не велам дека на 25-ти ако дојде некој со налог нема тоа да се прифати и ќе се одбие, но, навремено да ги испланираме активностите, за да не се случи во 5 до 12 сите да нагрнеме таму и некои од обврските да останат неплатени односно да ги книжиме во следната година. Само тоа е целта, чисто мораме да се навикнеме на некаков ред“, кажа Мицкоски.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага Резолуција за осуда на дезинформациите за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните. Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси“, кажа на прес-конференција, Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој накусо ја презентираше Резолуцијата.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.

