Црна хроника
Хип-хоп тренер од Словенија украл велосипед во Скопје, кај него била пронајдена марихуана
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен словенечки државјанин осомничен за кривичните дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
На 4 јули, пред спортскиот центар „Јане Сандански“, каде учествувал на Европско првенство за хип-хоп како тренер на група деца од Република Словенија, осомничениот забележал велосипед вреден 45.000 денари, кој би потпрен на ѕидот и незаклучен. Осомничениот го одзел велосипедот и го скрил во грмушка во близина на кејот на Вардар. Откако завршил натпреварот, велосипедот го расклопил на три дела и го ставил во багажниот простор на автобусот со кој групата требало да се врати во Словенија.
Откако била пријавена кражбата, полициски службеници го легитимирале и го претресле осомничениот, а во неговиот личен багаж пронашле две стаклени тегли и пластично кутивче со вкупно 13,57 грама наркотична дрога – марихуана.
Со оглед на тоа што се работи за странски државјанин без постојан престој во земјава, јавниот обвинител оцени дека постои очигледна опасност за бегство, како и можност тој да го повтори делото, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Трагедија на работното место: 53-годишен скопјанец загина во производствена хала
Работник на 53-годишна возраст загина вчера при извршување работни задачи во производствена хала во фирма кај Новоселски пат.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 12 декември 2025 година во 08:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека С.А. (53) од Скопје се здобил со тешки повреди од машина, по што починал на самото место.
Смртта била констатирана од лекар од Итната медицинска помош, а на местото на настанот бил извршен увид.
Црна хроника
Два случаи на семејно насилство за два дена: сопруги нападнати во Скопје и Штип
Два одвоени случаи на семејно насилство се пријавени во текот на изминатите денови во Скопје и Штип, информираат од Министерството за внатрешни работи.
На 12 декември 2025 година околу 12:00 часот, во Полициската станица Драчево бил извршен службен разговор со Б.А. (68) од Скопје, по претходна пријава дека на 9 декември физички ја нападнал својата 66-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во вториот случај, на 13 декември 2025 година во 02:00 часот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода К.Д. (71) од Штип, по пријава дека на 12 декември околу 14:30 часот физички ја нападнал својата 77-годишна сопруга и ѝ упатувал закани. И за овој случај, по целосно документирање, ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Приведен 28-годишен штипјанец: ѝ се заканувал на мајка си, кршел низ домот и ѝ го одзел телефонот
Полициски службеници го приведоа 28-годишниот З.М. од Штип, откако неговата 53-годишна мајка пријавила дека ѝ упатувал закани, оштетил дел од покуќнината и ѝ го одзел мобилниот телефон.
Како што информира полицијата, настанот бил пријавен на 12 декември 2025 година околу 13:40 часот, по што полицијата интервенирала и го привела осомничениот.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Фото: Pexels (илустрација)

