Македонија
Тренчевска: Новата апликација Bebbo нуди практични совети за правилен развој на децата

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска присуствуваше на промоција на новата мобилна апликација Bebbo, развиена од УНИЦЕФ, во соработка на Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и со поддршка од Европската Унија.
Апликацијата Bebbo содржи многубројни информации и стручни совети, интерактивни алатки за правилен развој на детето, но и совети за тоа како родителите да се грижат за себе. Таа е бесплатна и лесна за симнување и користење, работи без интернет и е достапна на македонски и на албански јазик.
Тренчевска посочи дека апликација Bebbo во голем дел се надоврзува на заложбите на Министерството за труд и социјална политика во зајакнувањето на капацитетите и вештините на стручниот кадар и на самите родители за позитивно родителство имајќи го предвид значењето на односот на родителите и стручниот кадар во градинките во развојот на една личност и колку вештините со кои ќе се стекнат децата на возраст од 0 до 6 години ќе влијаат на нивниот понатамошен развој.
„Децата сведоци на насилство или жртви на насилство понатаму во животот најчесто стануваат и самите насилници поради тоа што не препознаваат што е добро, а што лошо, што е решавање проблем на демократски начин и решавање проблем преку дијалог и дискусија внатре во семејството“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека поддршка особено им е потребна на родителите и децата што живеат во сиромаштија, на децата Роми, децата со попреченост и децата што се особено ранливи на експлоатација, злоупотреба и одвојување од семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По голготата со лифтовите во зградата на МТВ кои не работеа, најпосле се сервисирани

Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) ги сервисираше и стави во целосна функција сите четири лифтови во зградата на МТВ во која канцелариски простории користат над 20 државни институции.
„Лифтовите сега се целосно оперативни и обезбедуваат сигурен, брз и лесен пристап до сите катови, што значително го подобрува функционирањето на институциите и услугите кои ги нудат“, велат од Владата.
Во изминатите години, лифтовите во зградата често беа неисправни, што создаваше големи проблеми за вработените и граѓаните кои имаа потреба од завршување административни работи во некоја од државните институции, што ја отежнуваше работата во институциите и пристапот до важни услуги.
Зградата на Македонската радио телевизија има 24 ката.
Македонија
Минчев и унгарскиот амбасадор: „Важна е размената на добри искуства и практики“

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка во областа на јавната администрација и професионализацијата на административните служби.
Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на размената на добри практики и искуства, како и можностите за зајакнување на институционалната соработка преку проекти поддржани од ЕУ и билатерални иницијативи.
Министерот Минчев изрази благодарност за досегашната поддршка од Унгарија и ја потенцира подготвеноста на Министерството за понатамошна соработка во насока на модернизација на јавниот сектор и приближување кон европските стандарди.
Амбасадорот, од своја страна, ја нагласи определбата на Унгарија за продолжување на партнерството со Република Македонија, особено во контекст на европските интеграции и реформите во јавната администрација.
Средбата помина во пријателска и конструктивна атмосфера, а двете страни изразија подготвеност за интензивирање на комуникацијата и конкретизирање идни иницијативи од заеднички интерес.
Македонија
Таткото на Вања: Во полицијата нѐ убедуваа дека се регрутирала за ИСИС и избегала во Шведска

Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, кој е еден од осомничените за случајот, денеска првпат сведочеше во Основниот кривичен суд во Скопје.
Тој тврди дека нема инволвираност ниту со случајот ниту со обвинетите, кои не ги познава, а и не може повеќе да ги гледа.
„Немам никаква инволвираност со овие луѓе, од чии искази во текот на постапката забележавме дека не чувствуваат ниту вина ниту се каат. Тие демонстрираат гнев и разочарување од ‘царот’“, рече тој мислејќи на првообинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој бил запишан „царот“ во телефонот на обвинетот Кешишев.
На секое рочиште сведочеше осомничениот татко, слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне и да ја врзе, ја трескале во багажници, ја ставале по вреќи. Се обидувале да ги замачкаат доказите.
Рече дека од самиот почеток полицијата се сомневала во него. Тапкале во место, му покажувале фотографии од девојчиња, да потврдат дали тоа е Вања, ги убедувале дека не си го познаваат детето, дека Вања избегала со некој дечко накај Тетово или решила да помине пат од 4 илјади километри до Шведска.
„Од комјутерот на Вања дознаа дека со другарче од платформата ‘Дискорт’ разменувале мислења и ги споредувале Библијата и Куранот, па нѐ убедуваа дека се регрутила наводно за ИСИС и отпатувала во Шведска. ИСИС, јас и не знам што е тоа. Еден од испекторите, Кире се викаше, зборуваше на дијалект од источна Македонија, на еден од долготрајните состаноци во полициската станица. Му се обратив со повисок тон, цитирам: ‘Киднапирана е, Кире, киднапирана е’. Не е дека по своја волја скршнала од патот кон училиштето“, сведочеше таткото.
Вели дека на состаноците во полицијата го правеле ретардиран во целата ситуација, а истрагата била водена во погрешна насока.