Регион
Европскиот парламент со резолуција побара Србија да го признае Косово, Вучиќ одговори
Членовите на Европскиот парламент (ЕП) усвоија резолуција во Стразбур, во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.
Резолуцијата беше усвоена на пленарната седница на ЕП со 523 гласа „за“, 78 „против“ и 34 воздржани.
Со резолуцијата Европскиот парламент првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите врз основа на заемно признавање.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема ни да го разгледа барањето на Европскиот парламент за Косово.
Тој кажа како Србија ќе одговори:
„Убаво, пристојно и учтиво – нема. Можеме ли да направиме нешто попристојно? Не ни паѓа на памет. Можеме ли да направиме нешто уште попристојно? Нема ни да разгледуваме“, беше јасен Вучиќ.
На прашањето дали ќе се согласи да оди на дијалог со Албин Курти, Вучиќ рече дека би сакал, но дека никој не му се јавил и дека не гледа смисла во тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.
Регион
Советот на Европската Унија го усвои планот за раст за Западен Балкан
Советот на Европската Унија денеска даде зелено светло за воспоставување на инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
Ова го претставува финансискиот дел од планот за раст за Западен Балкан, кој на земјите од нашиот регион, вклучително и Србија, им обезбедува шест милијарди евра од буџетот на Европската Унија, две милијарди директна помош и четири заеми.
За да добијат пари, земјите треба да подготват реформски агенди, во кои ќе наведат кои реформи ќе ги спроведат.
Дополнително, предуслови за добивање пари, меѓу другото, се почитување на демократските принципи, слободни и фер избори, медиумски плурализам, независност на судството, владеење на правото.
Дополнителни предуслови имаат и Белград и Приштина, што е видливо поместување во нормализацијата на односите, како и исполнување на обврските што произлегуваат од претходно договорените договори.
Регион
Кинескиот претседател денеска пристигнува во Белград: ќе го чуваат илјадници полицајци
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска доаѓа во официјална посета на Белград, а според „Танјуг“, за неговото пристигнување се преземени големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја штитат 3.400 полицајци.
Ќе го пречекаат српските ловци „миг-29“, кои ќе го следат неговиот авион од границата, а на аеродромот во Белград во негова чест ќе биде построена стража на војската на Србија.
Покрај автопатот во Белград се поставени кинеското и српското знаме, а пред Палатата „Србија“ ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација, броена од 400 луѓе, а планирано е да се потпишат повеќе од 30 договори.
Ќе биде организиран и свечен ручек, кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик“.
Домаќин на кинескиот претседател ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.
Шји последен пат беше во Србија во 2016 година, што беше прва посета на претседателот на Кина на Србија по 32 години и по тој повод беше потпишана декларацијата за стратешко партнерство.
Вучиќ се сретна со Шји во октомври минатата година во Пекинг кога беа потпишани 18 договори, меѓу кои и договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина, кој набргу треба да стапи во сила.
Ова е прва посета на претседателот Шји на Европа во последните пет години од избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, а за време на оваа европска турнеја тој ќе посети само три европски престолнини – Париз, Белград и Будимпешта.
Петдневната турнеја ја почна со посета на Франција на 5 мај, во Белград доаѓа на 7 мај, а потоа ќе ја посети Будимпешта.
На последната средба меѓу кинескиот и српскиот претседател во октомври минатата година во Пекинг, покрај договорот за слободна трговија, беа потпишани и неколку билатерални документи, како оние за полициска соработка во управувањето со вонредни ситуации, изградбата на патишта, индустриски парк, извоз на јаболка, дигитализација.