Црна хроника
Психички болен бил човекот кој го уби полицаецот во Куманово

Човекот кој уби полицаец на должност, во саботата во Куманово, бил психички болен и се лечел во болницата во Бардовци, а често за да му се даде терапијата лекарите барале полициска асистенција.
Полицискиот службеник Г.С. (36) од Куманово почина во сабора вечер во болницата во Куманово од повреди кои ги доби од нож при интервенција за приведување на лицето Е.Б. (33) од кумановската населба Средорек, соопшти полицијата. Имено, во саботата, 21.30 часот во СВР Куманово од страна на Итна медицинска помош било пријавено дека во населбата Средорек, во куќата сопственост на М.Б., лицето Е.Б. (33) физички ги нападналo и повредилo неговата мајка Р.Б. и неговата сестра Е.Б., кои биле пренесени на хируршкото одделение во болницата во Куманово.
Веднаш потоа, од полициската станица во болницата била упатена екипа за интервенција од двајца полициски службеници кои извршиле разговор со повредените. Од разговорот било констатирано дека се работи за лице со нарушено психичко здравје кое било многу агресивно. По насока на дежурниот во полициската станица екипата за интервенција се упатила да даде асистенција на Итната медицинска помош за обезбедување на Е.Б. и спроведување во соодветна медицинска установа. Со оглед на тоа дека се работело за агресивно лице со нарушено психичко здравје на местото на настанот била испратена уште една група за интервенција од двајца полициски службеници. На местото на настанот полициските службеници ги пречекал таткото на Е.Б. и им рекол дека е во куќата. Сите четворица полициски службеници се упатиле внатре, но поради тесниот пристап до влезот прв бил сега починатиот Г.С., а по него останатите. Кога влегле внатре E.Б. замавнал со стаклен предмет кон нив, но никого не повредил. Во тој момент Г.С забележал дека лицето има нож и им рекол на колегите да се повлечат. На излегување Г.С им рекол на колегите дека најверојатно е повреден со нож и дека имал крв на грбот. Повредениот полициски службеник со возило на итната медицинска помош веднаш бил префрлен во кумановската болница, каде како итен случај бил примен на хируршкото одделение каде започнала реанимација на градниот кош. Меѓутоа, по кратко време Г.С. им подлегнал на повредите.
Полициските службеници кои останале на местото на настанот по кратко време го совладале лицето Е.Б. и го привеле во СВР Куманово. Во присуство на Јавен обвинител, екипа на СВР Куманово изврши увид на местото на настанот. Телото на починатиот полициски службеник е предадено за обдукција на Институтот за судска медицина.Инаку, лекар од Медицински центар Куманово во повеќе наврати барал асистенција од полицијата при укажување лекарска помош на лицето Е.Б. Истиот подолг период престојувал во психијатриската болница Бардовци во Скопје./крај/со/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
53-годишен пешак од Украина загина кај граничниот премин Долно Блаце

22-годишната Б.С. од Косово, со живеалиште во Сојузна Република Германија, удрило во пешакот К.М. (53) од Украина, кој подоцна им подлегнал на повредите.
Несреќата се случила вчера околу 18:00 часот, на магистралниот пат Скопје – Граничен премин Долно Блаце кога 22 годишната девојка удрила во 53-годишниот Украинец.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди и веднаш бил пренесен со возило на Итна медицинска помош од Косово во најблиската болница. За жал, во 20:20 часот лекарите констатирале смрт. По наредба на јавен обвинител, телото било дадено на обдукција за да се утврдат точните околности на трагедијата.
Б.С., исто така се здобила со телесни повреди, кои ѝ биле констатирани во приватна болница во Скопје. На местото на несреќата извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје, а истрагата е во тек за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Приведен штипјанец кој „летал“ со 252 км/ч или двојно повеќе од дозволеното

36-годишниот Г.Ј. од Штип вчера беше приведен од страна на полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија откако на автопатот „Пријателство“ кај селото Милетково возел со неверојатни 252 километри на час.
Како што информира МВР, возачот управувал патничко возило марка „БМВ“ со скопски регистарски таблички, и тоа на делница каде што максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“.
Топ
Крвава драма во Битола: Со нож го повредил братот на поранешната сопруга, па ја нападна и неа

30-годишен маж од битолското село Лера е уапсен откако со остар предмет нападнал млад битолчанец и ја претепал својата поранешна сопруга. Инцидентот се случил синоќа околу 21:40 часот во Битола, соопшти СВР Битола.
Според информациите, осомничениот Џ.Р. (30) најпрво во пекарница во градот физички го нападнал 25-годишниот И.Л. од Битола, брат на неговата поранешна сопруга, нанесувајќи му повреди со остар предмет. Потоа, со употреба на сила, ја внел во возило својата 23-годишна поранешна сопруга и физички ја нападнал.
Полицијата интервенирала и го лишила од слобода осомничениот, а за случајот е известено и Јавното обвинителство.
„По целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, информираат од СВР Битола.