Македонија
МВР: Блокирање на автопати е спротивно на законот
Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска во архивата на МВР е примен акт со кој политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како организатор на протест, известува дека: „Во знак на протест ВМРО-ДПМНЕ организира блокади на улици на ден 8 јули (петок), во период од 13:00 до 14:00 часот“. Во известувањето се наведени маршрути, т.е. локации на блокадите и посочува лице за контакт со организаторот, што е дел од обврските на организаторот предвидени во член 3 од Законот за јавни собири. Истиот член предвидува во известувањето да бидат дадени и податоци и за „мерките што организаторот ги презел во врска со непречено организирање и одвивање на јавниот собир и податоците за организирање на редарската служба“.
За таа цел, Министерството за внатрешни работи изразило иницијатива за работна средба со контакт лицето наведено во актот, кое не одговорило на поканата, ниту обезбедило своја замена или друг претставник во име на организаторот, велат од Министерството.
„Оттука, со цел навремено и објективно информирање на јавноста, Министерството за внатрешни работи потсетува на правата и должностите кои ги предвидува Законот за јавните собири.
Согласно, член 2-а од Законот: „Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен:
– до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните,
– до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив и
– на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај“.
Во членот 4 од истиот закон стои: „Заради заштита на правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдувањето на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и заради почитување на обврските од меѓународни договори, организаторот на јавниот собир е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир и да организира редарска служба.
Доколку организаторот побара, а Министерството за внатрешни работи определи обезбедувањето на одржувањето на редот на јавниот собир да го врши полицијата, трошоците за тоа обезбедување ги поднесува организаторот.
Организаторот е должен да го прекине одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот.
Во случаите од став 3 на овој член, организаторот е должен веднаш да го извести Министерството за внатрешни работи“.
Во интерес на јавноста е потсетување на уште еден член од законот со кој е уредена оваа материја, и тоа член 6, според кој: „Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавен собир во случаите кога истиот е насочен кон:
– загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон и – загрозување на животната средина“, велат од МВР.
Се додава дека Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.“
Ова дотолку повеќе што во известувањето од страна на организаторот се најавени блокади на автопати и магистрални патишта, и тоа: пат кон Прилеп, патни правци од Радовиш кон Струмица и од Штип кон Велес, што е во спротивност со наведените законски обврски.
МВР повторно со апел до јавноста да се почитуваат законите, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

