Македонија
„Дојче веле“: Софија не е задоволна од чистиот македонски јазик, но е пресреќна со францускиот предлог
Бугарското Министерство за надворешни работи смета дека е проблематично тоа што Северна Македонија добила „чист“ македонски јазик во Преговарачката рамка, но францускиот предлог го смета за нешто на што не можело ни да се надева до пред само 6 месеци, пишува „Дојче Веле“.
„Дојче веле“ кој имал увид во оригиналниот текст на Извештајот на бугарското МНР, пишува дека во објаснувањето на Генчовска, овој Протокол има позитивни и негативни страни кои таа ги реферира кон Рамковната позиција на бугарското Собрание од 2019 година.
Според Извештајот, успесите на бугарската надворешна политика во францускиот предлог се тоа што меѓу условите за мерење на напредокот на РСМ во претпристапниот процес е вклучено и спроведувањето на Договорот меѓу Бугарија и РСМ од 2017 година и Протокол(и) на заеднички состанок според член 12 од Договорот од 2017 година (кој треба да биде потпишан од двете страни).
– Засилен е текстот од став 47 во однос на следењето (од страна на ЕК) на заложбите на РСМ во однос на добрососедските односи и регионалната соработка. Во пракса, Комисијата се обврзува да известува, вклучително и за напредокот во имплементацијата на Договорот и билатералниот протокол, пред Меѓувладината конференција (IPC) ЕУ-РСМ.
– Воведено е барање РСМ да претстави посебен Акциски план за припадниците на националните малцинства или заедници (со разбирање дека Бугарите во РСМ се заедница, а не малцинство), во условите на кластерот „Темели”. Во нотата на Претседателството до КОРЕПЕР конкретно се наведува дека Акцискиот план ќе го придружува Патоказот за владеење на правото и ќе биде неопходен за отворање на кластерот Темели.
– Воведен е механизам за вклучување на Бугарите во уставот на РСМ.”
Во кои точки францускиот предлог не се совпаѓа со бугарските очекувања и ставовите наведени во Рамковната позиција од 2019 година. Еве што пишува во Извештајот на бугарското МНР:
– Во Преговарачката рамка на француското претседателство се дозволува чиста референца за т.н „Македонски јазик“. Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка не одговара на Рамковната позиција од 2019 година.
– Во став. 5 од Преговарачката рамка воведува општо барање за имплементација од страна на РСМ на Договорот за добрососедство и на идниот билатерален Протокол од меѓувладиниот состанок согласно чл. 12 од Договорот за добрососедство, а во став. 47 од Преговарачката рамка се предвидува дека ЕК ќе поднесува извештај на секоја Меѓувладина конференција за неговата имплементација. Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка не соодветствува со Рамковната позиција од 2019 година, бидејќи имплементацијата на Договорот за добрососедство и Протоколот од чл. 12 не претставуваат формален критериум за отворање или затворање на поглавјата од преговорите. Не е предвидена улога на Советот на ЕУ (т.е. Бугарија) во оценката дали РСМ го спроведува билатералниот протокол, а оваа оценка е препуштена на ЕК. Треба да се напомене дека до 20 јуни 2022 година, билатералниот Протокол не беше потпишан од двете страни, а тоа е од суштинско значење за да се добијат гаранции за спроведување на долгорочни мерки, бидејќи претходниот не ги вклучува претстојните мерки за имплементација на Договорот.
– Во став 35 од Преговарачката рамка се предвидува дека РСМ ќе „усвои“ Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително и на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, создавање ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на одговорни институции. Имплементацијата на овој Акциски план ќе биде предмет на постојан надзор и редовно ќе се дискутира на Меѓувладини конференции во текот на процесот на пристапување. Ставот 37 од Рамката воведува барање имплементацијата на Акцискиот план да биде меѓу средните индикатори во кластерот Темели (ова значи дека ако овој Акциски план не се имплементира, ниту едно преговарачко поглавје не може да се затвори). Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка се разликува од Рамковниот став од 2019 година. Воведен е зајакнат механизам за заштита на човековите права, кој може, со активна улога на Бугарите во РСМ, да придонесе за гарантирање на нивните права.
Генералниот заклучок на бугарското МНР е дека францускиот предлог треба да се прифати за Бугарија да ја искористи „добрата позиција” до која дојде, „откако успеа да дојде до предлог кој се сметаше за невозможен пред само шест месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

