Европа
Дрога за силување на забавата со германскиот канцелар, жртви се најмалку девет жени

Најмалку девет жени кои присуствувале на забава организирана од германската Социјалдемократска партија (СПД), на која бил и канцеларот Олаф Шолц, биле дрогирани со супстанца позната како „дрога за силување“, објави СПД.
Портпаролот на партиската пратеничка група во парламентот го потврди пишувањето на берлинскиот весник „Тагесшпигел“ и додаде дека досега се потврдени девет жртви.
Берлинската полиција соопшти дека истражува тешка телесна повреда откако 21-годишна жена поднела пријава.
„Ги советувам сите засегнати да поднесат тужба“, напиша на Твитер една од лидерите на СПД, Катја Маст.
Во мејлот упатен до учесниците на таа летна прослава одржана во средата, СПД го осудува „страшниот чин што веднаш бил пријавен во полиција“.
Илјадници луѓе присуствуваа на традиционалната прослава што СПД ја организира пред летниот одмор, а меѓу нив беше и канцеларот Шолц од таа партија и многу други претставници и соработници.
Берлинската полиција соопшти дека по „прослава организирана од политичка партија“, 21-годишната жена пријавила дека не се сеќава на никакви детали од вечерната забава следниот ден.
Таа се пријавила во болница на преглед и поднела тужба. Младата жена конзумирала храна на забава и пиела безалкохолен пијалок кога наеднаш почувствувала слабост и вртоглавица.
Досега полицијата е известена за уште четири вакви случаи.
„Дрогата за силување“ предизвикува гадење и вртоглавица и најчесто се става во пијалоци и предизвикува седација (смирување) со хипнотичко дејство (поспаност) така што личноста не може да даде отпор, а агресорите можат да силуваат, злоупотребат или применуваат некаков акт на агресија.
Во 2021 година, Берлин, град познат по понекогаш прекумерните забави, пријавил 22 случаи на агресија со „дрога за силување“, пишува дневниот весник Берлинер цајтунг.
Вистинскиот број на жртви е далеку поголем бидејќи многумина не се сеќаваат на настаните и се срамат да поднесат обвиненија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин