Македонија
Манифест на македонските учители
Вкупно 844 наставници, професори, научници, лекари, општествени и културни дејци, педагози, уметници и новинари стојат зад Манифестот на македонските учители. Го пренесуваме интегрално:
„Ние, македонските учители (наставници, професори, научници, лекари, општествени и културни дејци, педагози, уметници, новинари и сите што помагаме во воспитанието и образованието на нашите поколенија), кои целиот свој живот им го посветуваме на уката и науката на нашите деца, на нашиот македонски народ и на неговиот просперитет, повикувајќи се на Повелбата и на Општата декларација на ООН за човековите права и слободи, како и на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, а во духот на КРУШЕВСКИОТ МАНИФЕСТ и МАНИФЕСТОТ НА АСНОМ, го искажуваме своето незадоволство од предлогот на францускиот претседател г. Макрон, во кој македонскиот народ е предмет на омаловажување и понижување.
Францускиот предлог, во кој билатералните протоколи со Бугарија стануваат составен дел од преговарачкиот процес, македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава, која нема важност пред институциите на ЕУ. Македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето. Со овој предлог уште пред да почне преговарачкиот процес Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоен за ЕУ.
Предлогот наведува дека „ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик“, а содржината на декларациите за македонскиот јазик не се соопштува. Како што ни е познато, бугарската официјална политика отсекогаш тврдела дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година, но сега тоа ќе го верификува и ЕУ, бидејќи во сите идни документи на ЕУ, каде што се споменува македонскиот јазик, ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“, а Република Македонија ќе мора да изјави „дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на државата, кој е кодифициран во 1945 година“.
Македонски народе, драги Македонки и Македонци, Ќе ве потсетиме на зборовите напишани во МАНИФЕСТОТ НА АСНОМ:
„Во деновите на најголемите световни стресенија, во времето на најкрвавата борба на македонскиот народ, твоето прво народно Собрание израснато од крвта и од животите на најарните свои синови, во твое име излегува пред лицето на целиот свет да каже на пријатели и душмани, на сојузници и окупатори, на блиски и далечни, оти македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода“.
Драги наши сограѓани од сите етнички и верски заедници во нашата заедничка татковина Република Македонија, ќе ве потсетиме на зборовите во Крушевскиот манифест:
„Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотерат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава… …Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо ‒ а тоа јет голема помошт. Да не се заортачите со душманите…“
Господине Пендаровски, претседател на Република Македонија, Ваша света должност е да ги браните интересите на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во заедничката татковина Република Македонија.
Да Ве потсетиме дека дадовте свечена заклетва и дека во моментот Вие ги претставувате сите граѓани на Република Македонија, а не политичката елита ниту, пак, која било партија на која ѝ должите нешто. Не заборавајте дека народот Ве избра! Од Вас бараме јасно и гласно да кажете дека не се согласувате со предлогот на г. Макрон, кој всушност ги штити бугарските националистички идеи, во кои се препознава идентитетска ликвидација на Македонија и македонската посебност.
Господине Ковачевски, претседател на Владата на Република Македонија, господине Османи, министер за надворешни работи, г. Маричиќ и сите министри во Владата на Република Македонија, Македонија се наоѓа во најтешките моменти од своето постоење.
Вашата согласност за францускиот предлог во кој се промовираат етноцидните политики насочени против Македонија и Македонците, а легитимирани како „европски“ и „евро-атлански интеграции, никогаш нема да биде заборавена! Не понижувајте се себеси, а со тоа и нашата заедничка татковина Република Македонија повторно! Не дозволувајте уште еднаш да учествувате во распетието. Дури и на Исус Христос му било многу полесно зашто имаше само еден Јуда. Не бидете како Понтиј Пилат миејќи ги рацете од гревот што сакате да го прикриете.
Господине Макрон, претседател на Република Франција, жално е за еден претседател на Франција, земја на слободата и демократијата, локомотивата на европските вредности, земја во која се родиле великани со космополитски умови, како Волтер, Русо, Даламбер, Декарт, како нобеловецот Анатол Франс, кој целиот свој живот се борел против неправдите и кој јавно се залагал за правата на Ерменците и на Македонците во новите констелации на светската геополитика, Вие да го промовирате спротивното.
Потсетете се, ако некогаш сте го прочитале, на делото на Луј Вансен Тома, „Антропологија на смртта“, во кое тој пишува што значи идентитетска смрт. Според него, а и според многумина, таа е најстрашна од сите видови смрт! Господине Мишел, претседател на Европскиот совет, госпоѓо Фон дер Лаен, претседателка на Европската комисија, госпоѓо Мецола, претседателка на Европскиот парламент – како одговорни политичари треба да знаете дека секое искривување на вистината е грев и неправда.
А кога станува збор за објективноста и вистината, ние македонските учители да ве потсетиме дека вистинските заговорници и визионери на обединета Европа не се Моне, ни Аденаур, туку големиот француски поет и хуманист Виктор Иго и просветлениот руски анархист Михаил Бакунин. Затоа, не сметајте го македонскиот народ за глупав и неписмен. Виктор Иго се борел против смртната казна и против апсолутизмот во Франција надевајќи се на подобри денови преку создавањето на „Републиката“ во цела Европа. Михаил Бакунин исто така се борел против руската монархија надевајќи се дека еден ден сите Словени, Германци, Италијанци и Французи ќе живеат во обединета Европа.
Во изјавата упатена до рускиот цар Николај Први Бакунин вели: „Го сакате моето признание. Но, мора да знаете дека грешникот не е обврзан да ги открива неделата на другите. Јас ја имам само честа и совеста дека никогаш не сум ги предал оние што ми веруваат и ете затоа нема да ви дадам имиња“.
Македонскиот народ во својата вековна историја никогаш не се обидувал да зграби нешто што не е негово и љубоморно да го чува од другите, впрочем за тоа зборува и фактот што светите браќа Кирил и Методиј кај нас се нарекуваат сесловенски просветители, а во црковниот календар се сметаат како патрони на Европа.
Јазикот на кој е создадена првата словенска азбука и на кој се напишани првите книги ние го нарекуваме старословенски, а не како нашиот источен сосед старобугарски. Неправедно е во 21 век од страна на ЕУ како чувар на европските и светските демократски вредности да се наметнуваат вакви понижувачки услови во еден непристоен предлог од една водечка земја во ЕУ (Република Франција), каде што се врши геноцид кон цел еден народ.
Длабоко сме уверени дека ова не се вредностите на најпрогресивната заедница на народи и држави за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ и дека овој предлог, во кој се наведени сите барања на официјална Софија за промена на историјата, за ограничување на правото на изразување на научната мисла, за негирање на македонскиот јазик како атрибут на македонската нација е неприфатлив и за вас. Македонскиот народ е мирољубив и чесен, можеби според вашите критериуми е малоброен, но не е народ без достоинство и вредности, не е народ што сака својата среќа да ја гради врз туѓа несреќа.
Властите во Република Македонија се единствените политичари што потпишале дека нивната држава се оградува од своите национални малцинства во соседството, единствените што се согласуваат на ваков срамен и понижувачки начин да се обезличи македонскиот народ, кој живее на библиска земја споделувајќи ја судбината со сите сограѓани од различна етничка и верска припадност, народ што „светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите“, а не поле за борба, каде што луѓето се виртуелни фигури, без чувства и емоции, без колективна меморија, поле каде што, место емпатија, се вгнездува културна и духовна агресија.
Ако тоа е условот македонскиот народ да влезе во ЕУ, тогаш ние, македонските учители, велиме НЕ!“, се вели во Манифестот на македонските учители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

