Црна хроника
Затвор за дивите копачи и продавачи на културното наследство во предметот „Ниџе“
Предметот во врска со културното наследство, познат во јавноста како „Ниџе“, за кој Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција кон крајот на септември минатата година отвори истрага против осум лица, денеска во Основниот кривичен суд заврши со пресуда.
Откога шестмина обвинети во фаза на оценка на обвинителен акт признаа вина и во мај годинава се спогодија со јавниот обвинител Маја Конеска, денес, на главната расправа во Основниот кривичен суд – Скопје, другите двајца обвинети признаа дека сториле кривично дело злосторничко здружување и кривично дело изнесување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.
Воедно, обвинетиот Б. К. призна дека сторил и кривично дело прикривање, а обвинетиот Н. Л. и кривично дело оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. За кривичните дела што им се ставаат на товар судот донесе пресуда, со која на обвинетиот Б. К. му изрече единствена казна затвор во траење од четири години, а на Н. Л. казна затвор во траење од една година и шест месеци.
Б. К. и Н. Л. како членови на група, заедно со организаторите и припадниците на групата што се сега осудени, вршеле кривични дела против културното наследство во периодот од мај 2020 година до крајот на септември 2021 година. Во рамките на криминалната група секој од припадниците на групата имал точно дефинирана улога според која дејствувал. Заедничката цел на групата била илегално истражување, копање археолошки локалитети на македонската територија, прикривање во сопствените домови, нудење продажба на заинтересирани купувачи и продавање добра – културно наследство во сопственост на Македонија.
Б. К. како припадник на групата, за да придонесе во заедничката цел на групата, во сопствениот дом прикривал археолошки предмети илегално ископани од археолошки локалитети и ги нудел на продажба на заинтересирани купувачи од странство. Обвинетиот Н. Л., пак, без дозвола од надлежен државен орган вршел истражување на археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости, недозволено ископувал, присвојувал и нудел на продажба добра, споделувал информации и возвратно добивал координати од НН-припадници на групата од други земји.
За другите обвинети, во мај годинава судот донесе пресуди врз основа на предлог-спогодби, со кои обвинетите ги огласи за виновни и им изрече казни, и тоа:
– Д. Р. како организатор на криминалната група е осуден на единствена казна затвор во траење од пет години за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, изнесување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и прикривање;
– К. Т. како организатор на криминалната група е осуден на единствена казна затвор во траење од четири години за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и изнесување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости;
– на З. Т., С. К., П. М. и на Ѓ. П. судот им определи алтернативни мерки условни осуди за сторени кривични дела злосторничко здружување и оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, Ѓ. П., освен за погоре наведените кривични дела, е осуден и за прикривање. За З. Т. и С. К. е утврдена единствена казна затвор во траење од една година и два месеца, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од четири години не сторат ново кривично дело, а за П. М. и Ѓ. П. е утврдена единствена казна затвор во траење од една година и еден месец, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од четири години не сторат ново кривично дело.
Одземените предмети и добра, како и средствата со кои осудените ги извршиле кривичните дела, со одлука на судот се одземаат.
На денешното рочиште одбраната на обвинетите во завршните зборови истакна дека Обвинителството спроведе една исклучително комплексна постапка и откри околности што се особено актуелни и дека во овој предмет и пред донесување на одлуката на судот во голема мера, освен специјалната превенција, постигнати се и целите на генералната превенција бидејќи постапката извршила исклучително позитивно влијание кај пошироката општествена заедница во насока на спречување извршување кривични дела од ваков вид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Со измами за лажни сообраќајки, охриѓанец „заработил“ 3,6 милиони денари, полицијата го уапси
Полицијата расчисти девет сторени кривични дела измама за лажни сообраќајни незгоди, охриѓанец заврши во притвор, жртвите ги оштетил за 3.600.000 денари.
Полицијата вчера го уапси П.С.(38) од Охрид. По извршен службен разговор П.С. појаснил за начинот, местото и времето на извршување на девет кривични дела од кои шест во Штип и три во Виница при што пријавителите се оштетени за околу 3.600.000 денари. Тој се јавувал на повозрасни лица и лажел дека нивни блиски направиле сообраќајки и им барал пари.
На измамникот му е одреден притвор.
Црна хроника
Бил агресивен и искршил куќна ограда: уапсен маж од Струшко
Синоќа во 21 часот, во струшкото село Радожда, лишен од слобода е К.С.(33) од истото село.
Тој бил пријавен дека го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон М.М. и неговото семејство и извршил оштетување на нивната куќна ограда.
Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Претрес во Кавадарци, пронајдено оружје и муниција, уапсено едно лице
Вчера вечер во 22:00 часот, во Кавадарци, полициски службеници го уапсија А.М.(38) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба од Основен суд Кавадарци, биле пронајдени и одземени гасен пиштол, рамка со куршум, воздушен пиштол, два револвери и 58 куршуми 9 мм, кои ги поседувал без соодветна документација.
Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

