Спорт
Официјално – Од следната сезона без Сузуки во Мото ГП шампионатот

Јапонскиот производител Сузуки и Дорна постигнаа договор, Сузуки од следната сезона повеќе да не се натпреварува во Мото ГП шампионатот. Фабричкиот тим на Сузуки, од следната сезона нема да се натпреварува и во Светскиот шампионат во издржливост.
„Ќе продолжиме да се натпреваруваме оваа сезона и во шампионатот Мото ГП и ЕВЦ со максимални напори да победиме на преостанатите трки. Наша цел е да продолжиме да ги поддржуваме тркачките активности, како и нашите клиенти преку нашата глобална мрежа на дистрибутери. Сакаме да ја изразиме нашата најдлабока благодарност до сите фанови на Сузуки кои не поддржуваа и до сите оние кои беа долги години во Сузуки“, се вели во соопштението на Сузуки.
Тошихиро Сузуки, директор и претседател на компанијата, ги објасни причините за таквиот потег.
„Треба да ги прераспределиме ресурсите на други иницијативи за одржливост. Мото трките отсекогаш биле предизвикувачко место за технолошки иновации, вклучувајќи ја одржливоста и развојот на човечките ресурси. Оваа одлука значи дека ќе го преземеме предизвикот да изградиме нов бизнис, пренасочувајќи ги технолошките способности и човечките ресурси, да истражуваме нови начини за одржливо општество“, објасни Сузуки.
Повлекувањето на Сузуки од врвната категорија доаѓа по седум години од враќањето во неа, и две по освојувањето на титулата со Џоан Мир. Шпанецот на тој начин ја врати шампионската титула на јапонскиот тим по 20 години, кога на тронот беше Кени Робертс Јуниор.
Пред овие двајца титули на Сузуки му донесоа, меѓу другите, Бери Шин, Франко Унчини и Кевин Шванц, а претходно тимот се повлече од Мото ГП шампионатот во 2011 година поради финансиски проблеми.
При претходното повлекување од Сузуки најавија враќање, а тоа се случи во 2015 година кога возачи на јапонскиот тим беа Алес Еспаргаро и Маверик Вињалес. Помладиот од двајцата Шпанци го врати Сузуки на највисокото скалило на победничкиот подиум веќе следната сезона, на Големата награда на Британија, по девет години пост.
Вињалес и Еспаргаро потоа ги наследија Андреа Јаноне и Алекс Ринс, кој се уште вози за Сузуки, додека Италијанецот беше заменет со Мир пред три години.
Шампионот од кралската класа од 2020 година оттогаш постигна една победа и вкупно 13 пласмани на подиумот, додека Ринс има три победи и уште 12 подиуми за нешто повеќе од четири сезони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
„Во Фенербахче ми нудеа допинг“

Францускиот фудбалер Алан Сен Максиман излезе во јавноста со многу сериозни обвинувања против Фенербахче, каде што играше претходната сезона.
Тој беше позајмен од Ал Ахли во турскиот клуб. Одигра 31 натпревар, забележа четири гола и исто толку асистенции.
Сен Максиман беше гостин во подкаст со францускиот јутјубер Зак Нани и искажа зборови што ќе одекнат.
Имено, тој изјави дека му нуделе допинг во турскиот клуб, со закани дека не смее да зборува за тоа.
„Фенербахче не стана шампион и не е шампион 11 години поради работи што немаат никаква врска со фудбалот. Клубот е опколен од надворешни влијанија. Дури и се обидоа да ме натераат да земам допинг таму во еден момент. Луѓето не го знаат тоа, бидејќи не можете отворено да зборувате за тоа кога сте таму, тие ви се закануваат од сите страни. Ти велат: „Ако зборуваш, ќе ти направиме ова или она“. Во Турција бев во ситуации што ги надминуваат границите на фудбалот“, рече Максиман.
Сепак, тој зборуваше со пофалби за Жозе Мурињо, но дека атмосферата во Истанбул е многу проблематична.
Се очекува Фенербахче да даде соопштение во оваа пригода.
Foto/ EPA
Спорт
Ливерпул остатокот од договорот на Жота ќе му го исплати на неговото семејство

Ливерпул ќе ги исплати преостанатите две години од договорот на починатиот Диого Жота на неговото семејство.
Како што објави португалскиот „Рекорд“, клубот од „Енфилад“, откако ќе го повлече дресот со број 20, ќе ги измири и преостанатите две години од договорот, кои ќе му бидат исплатени на семејството на починатиот Жота.
Фудбалскиот свет беше запрепастен од информацијата дека португалскиот фудбалер загинал во сообраќајна несреќа, кога тој и неговиот брат починале во Шпанија, во близина на португалската граница во областа Замора.
Жота беше член на Ливерпул, каде што пристигна во 2020 година и оттогаш постигна 65 гола во 182 натпревари. Со Ливерпул ја освои Премиер лигата, ФА Купот и два Лига Купа.
Во текот на својата кариера играше и за Пакош Фереира, Атлетико Мадрид, Порто и Вулверхемптон.
Играше 49 пати за Португалија и постигна 14 гола, двапати освојувајќи ја Лигата на нации.
Погребот на браќата Жота ќе биде оваа сабота.
Foto/ EPA/PETER KLAUNZER
Спорт
(Видео) Челси преку Палмеирас до полуфиналето на клупскиот Мундијал

Foto/ EPA
Фудбалерите на Челзи го победија Палмеирас во четвртфиналето на Светското клупско првенство на ФИФА со 2:1 (1:0).
Благодарение на победата во Филаделфија „сините“ се пласираа во полуфиналето, каде што ги чека уште еден тим од Бразил, Флуминенсе.
Двократниот европски шампион ја оствари победата благодарение на голот на Кол Палмер во 16-та минута и автоголот на голманот Вевертон во 83-та минута. Стрелец за Флуминенсе беше фудбалерот што „сините“ веќе го купија, креативниот играч од средниот ред Вилијан Естевао.
Крилниот напаѓач Педро Нето беше дел од англискиот клуб од самиот почеток.
Настапот на Португалецот беше неизвесен, откако Челзи му даде одврзани раце да избере дали да игра по смртта на неговиот голем пријател – фудбалерот на Ливерпул Диого Жота и неговиот брат Андре Силва.