Македонија
Во Словенија уапсен еден од Хрватите кои соработувале со Мухамед Зеќири

Во екстрадиционен притвор се наоѓа Хрватот Данијел Иванагиќ кој се бараше со меѓународна потерница, а е осомничен во истиот случај каде е и ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Иванагиќ, управител на консултантското друштво „Интерхолдинг“ од кое според Обвинителството, Зеќири нарачал физибилити-студија, е упасен во Словенија. Според информациите, тој бил задржан на граничен премин, кога се обидел од Хрватска да влезе во Словенија.
За Иванагиќ беше распишана меѓународна потерница, што и натаму е активна за Денис Фудуриќ, основач на фирмата каде Обвинителството тврди дека Зеќири исплатил пари, без да ја избере на тендер.
Судија на претходна постапка, по барање на обвинителката Катерина Коларевиќ, одреди притвор за Иванагиќ пред три месеци, кое треба да биде спроведено по неговото пронаоѓање.
Истрагата против Зеќири, уапсениот Иванагиќ и Фудуриќ по кој се трага, е во тек. Првоосомничен е ексгенералниот секретар, а хрватските државјани се осомничени за помагање при извршување на злоупотребата на службената положба и овластување.
„ Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на буџетот на Р Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишуваше во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.