Македонија
Ковачевски: Македонскиот јазик во ЕУ ќе биде еднаков со сите европски јазици, потребна е државничка одлука за иднината
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа билатерален состанок со претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, со присутните членови на делегацијата, како и со амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир.
Премиерот Ковачевски на средбата упати благодарност до претседателката на Европската комисија, Фон дер Лаен, за континуираната цврста поддршка и лична заложба за Република Северна Македонија да добие датум за преговори без понатамошни одлагања, со оглед на тоа што иднината на Западен Балкан e во Европската Унија.
Премиерот Ковачевски истакна дека во овие клучни моменти за државата, кога треба да се носат мудри и државнички одлуки, присуството на претседателката на Европската комисија е јасен сигнал за поддршката на евроинтегративните процеси на Северна Македонија.
На билатералната средба премиерот Ковачевски рече дека Владата останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и на културните особености на македонскиот народ, што всушност е потврда и со европскиот предлог.
Тој додаде дека очекува да биде поддржан од сите политички субјекти во Собранието преку носење натамошни заклучоци за европскиот предлог во согласност со собраниските процедури. „Имаме предлог што гарантира чист македонски јазик во ЕУ, историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка“, потенцира премиерот Ковачевски.
На средбата беше дискутирано дека нашата земја е пред многу важна одлука за нејзината иднина и остварување на уште една стратешка цел – отворање на преговорите со Европската Унија со зачуван и обезбеден македонски јазик во Европската Унија, што значи конечно затворање на сите идентитетски прашања. Притоа беше констатирано дека европскиот предлог е важен чекор со кој ќе се надмине блокадата и кој ќе ја приближи Северна Македонија до членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

