Македонија
Ковачки до Ковачевски: За ова предавство нема да има прошка, ќе скапеш во затвор
„Еден полуписмен министер на барање на друг полуписмен и пион донесол полиција пред и во Собранието од цела Македонија и демонстрира сила. Првиот полуписмениот е послушник на вториот пион кој откако наводно одби предлог кој го немал видено, после го прифати на невидено и глуми визионер и загрижен државник, а во суштина е обичен предавник на македонскиот народ“ изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната собраниска седница.
Тој истакна дека тој пион премиер, повикувајќи се бугарските шовинистички барања, го понижува македонските гробови на знајните и незнајни јунаци од македонското славно револуционерно минато.
Истакна дека промена на Устав нема да има, а пионот инсталиран како премиер и кој е донесен со единствена задача за довршување на отпочнатото предавство од неговиот претходник Зоран Заев, за обезличување на македонскиот народ нека се свести дури е време, оти прифатил промена на Устав не мислејќи на последиците.
„Исто како што и неговиот газда не мислеше кога го потпишуваше Договорот со Бојко во 2017. И видете ја фарсата и парадоксот – пионот ни доставил информација на 1 лист хартија по која треба да дискутираме, што не е во надлежност на Собранието туку е во надлежност на Владата, значи Собранието не гласа за францускиот предлог туку за некаков лист хартија – известување, а од друга страна истиот тој пион, како владин функционер, прифатил промена на Устав што е во надлежност на Собранието“ рече Ковачки.
Тој нагласи дека Владата ниту си ги знае своите, ниту ингеренциите на Собранието. Потенцираше дека Македонија ја водат интелектуално инфериорни, уценети криминалци на кои не им се процесуираат кривичните пријави, односно тоа се лица без никаков кредибилитет или познавање од областите кои им се доверени.
„Начекаа меко ткиво, го препознаа поданичкиот менталитет кај оваа власт. Денеска СДСМ има национално неосвестени пратеници, клиентелисти чиј личен интерес е многу поважен од Македонија. Но, среќа е што СДСМ не е Македонија. Македонија има синови и ќерки кои секојдневно излегуваат и гласно кажуваат НЕ на асимилацијата по бугарски терк. Македонија има синови и ќерки кои се решени до крај да си го бранат своето. Ние, Македонците туѓото не го сакаме, но своето не го даваме. И сме подготвени да се бориме до крај“, изјави тој.
Ковачки истакна дека нема промена на Устав по бугарски диктат и без гаранции за Македонците.
„Доста си игравте со Македонија. Слушнете го гласот на народот. Зоштом го прават ова на државата и народот кога знаат дека почеток за преговори нема да има. Дојдоа со агенда за живот и економија, а се занимаваат со продажба на најсветото. Совет за премиерот, прво народот те плаќа да го браниш неговите интереси а не да ги распродаваш, а второ ќе скапеш во затвор. Имате време да кажете не, на вас останува“ – изјави Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

