Спорт
КЛ: Шкендија со реми во Ерменија, Академија Пандев пак загуби од Лехија

Шкендија останува единствениот македонски клуб кој остана во Конференциската Лига Европа, откако одигра 2:2 на гостувањето во Ерменија кај Арарат, по 2:0 домашната победа, додека Академија Пандев по високиот 4:1 пораз на гости кај Лехија Гдањск, повторно загуби, овојпат со 1:2 за збогување од квалификaциите.
Тетовскиот клуб во второто квалификациско коло ќе игра со летонскиот клуб Валмиера.
Шкендија стигна до рано водство, кога во втората минута Браво си постигна автогол, за европската виза да биде на дофат на во судиското продолжение од првото полувреме кога Сидрит Гури зголеми на 0:2. Домашниот тим успеа да се врати во игра и со двата гола на Гор Малкјан (49. и 79. минута) да избори реми.
Мациеј Гајос го донесе полскиот клуб во водство во 37. минута од мечот, пред Академија Пандев да израмни преку Димитар Митровски во 59. минута од мечот. Победата за Лехија ја обезбеди замената Рафал Пјетржак во 82. минута.
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА ЕВРОПА, КВАЛИФИКАЦИИ
Арарат (Ерм) – Шкендија (Мкд) 2:2, прв меч 0:2, вкупно 2:4
Академија Пандев (Мкд) – Лехија Гдањск (Пол) 1:2, прв меч 1:4, вкупно 2:6
Графика: Sofascore за Топспорт
Фото: ФК Шкендија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Резервите му донесоа триумф на Арсенал во Билбао, дебитантот Унион го шокира ПСВ

Со гостински победи на Арсенал и дебитантот Унион Сен Жилоа, започна сезоната 2025/2026 во Лигата на шампионите.
Арсенал на „Сан Мамес“ во Билбао, не прикажа некоја спектакуларна игра, но успеа да го победи Атлетик.
Два гола постигнаа играчите од клупата за резерви. Мартинели по нецели 15 секунди откако влезе во игра во 72.минута погоди за 0:1. Конечниот резултат го постави Тросар во 87.минута. Резервите на Артета си поделија по една асистенција.
На „Филипс“ стадионот во Ајндховен, ПСВ доживеа шокантен пораз од Унион Сен Жилоа. Дека Белгијците се дојдени по победа во Ајндховен најави Дејвид во деветтата минута од пенал. Половина час подоцна слаломот на Ел Хаџ им донесе на гостите предност од два гола.
Точка на победата на гостите стави братот на фудбалерот на Ливерпул, Алексис Мекалистер, Кевин.
Честа на ПСВ ја спаси, Ван Бомел во 90.минута.
Спорт
Шејн Ларкин ја заврши репрезентативната кариера

Шејн Ларкин, кошаркарот на Ефес, одлучи повеќе да не го носи дресот на Турција.
Искусниот плејмејкер го водеше тимот на Ергин Атаман до сребрен медал на Евробаскетот, по што реши да стави крај на репрезентативната кариера.
Тој ја информираше јавноста за својата одлука на социјалните мрежи.
„Пред седум години се согласив да играм за Турција без никакви очекувања. А седум години подоцна, чувствувам дека ова е мојот втор дом. Начинот на кој ме прифативте и ме поддржавте не може да се опише со зборови. Иако не ја постигнавме главната цел, а тоа е златен медал, поддршката што ја добивме од целата земја значеше повеќе од само медал“, напиша Ларкин и додаде:
„Беше чест и привилегија да го носам овој дрес и да играм за Турција. Засекогаш ќе бидам еден од вас! Ве сакам од се срце“, заврши тој со зборови на турски.
Ларкин имаше просек од 11,6 поени и 5,1 асистенции на Европското првенство.
Спорт
Атлетико без најдобриот играч отпатува во Ливерпул

Ливерпул, утре, ќе го пречека Атлетико Мадрид во еден од најпривлечните натпревари во првото коло, во Лигата на шампионите.
„Јорганџиите“ ќе бидат хендикепирани на „Енфилд“, тренерот Диего Чоло Сименоне нема да може да смета на првиот напаѓач, Хулијан Алварез.
За време на викендот против Виљареал, Аргентинецот почувствува непријатност во коленото, беше заменет, а по лекарските прегледи беше одлучено да се одмори и да го прескокне дуелот со шампионите на Англија.
Во негово отсуство, нападот на Атлетико ќе го предводат Антоан Гризман и Александар Серлот.
Атлетико објави дека Тијаго Алмада, Алекс Баена и Хозе Марија Хименез ќе го пропуштат натпреварот со Ливерпул.
Натпреварот во Ливерпул ќе започне во 21:00 часот.