Македонија
(Видео) Разрешениот директор на ЗОО: Ова не е прв ваков случај, лицемерна е осудата од лица што го правеле истото
Не сум никаков убиец, вака разрешениот директор Кристијан Стаменов одговори на обвинувањата дека од скопската Зоолошка градина направил кланица. Тој објасни дека коњите што се заклани во кланицата на установата билe изнемоштени. Ова, според Стаменов, не е прв ваков случај, на што тој сведочел како вработен во изминатите 12 години.
„Според одлуката на Управниот одбор, која се носи во последните 20 години, се врши т.н. економско искористување на животните, кои во консултација со стручните лица во Зоолошката се во состојба пред умирање, болни, со неизлечливи рани и инфекции, крајно изнемоштени, кои не можае да бидат рехабилитирани. Ова не е прв случај, имало многу такви и во минатото. Крајно лицемерна е осудата што доаѓа кон мене токму од истите лица што ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи туку и на други животни, пример за тоа е жирафата која им е дадена како храна на лавовите. За разлика од претходни години, сега над животните што не може да се спасат или боледуваат се спроведува навистина хуман третман“, кажа Стаменов.
Тој беше дециден дека немал намера, ниту помислил да изнемоштува и убива животни.
„Во претходниот период имавме добар пример, коњот што го спасивме од Дебар Маало беше животно во тешка состојба, но успеавме да го рехабилитираме да биде само дополнителна вредност на Зоолошката градина, така сум постапувал со сите животни. Од самиот почеток на моето назначување за в.д. директор на Зоолошката градина бев цел на разни напади, физички пресметки, закани, притисоци и опструкции за кои за дел од нив бевте сведоци и самите“, додава Стаменов.
Тој смета дека станува збор за директен атак насочен спрема него.
„Морам да истакнам дека запазени се сите законски процедури во оваа постапка, која не е нималку популарна, но која е одраз само на правилно спроведување на заштитата на животните. Јас мојата невиност ќе ја докажам пред институциите и секогаш ќе имам неизмерна љубов кон сите животни“, додава разрешениот директор.
Против него е поведена и постапка за убивање животни за што министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека нема да толерира вакви постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

