Македонија
(Видео) Јарески од ВМРО-ДПМНЕ истури црвена боја на говорница како симбол за жртвите од фашизмот

Премиерот конечно одвои време да слушне што се кажува, да види каква грешка прави и какви последици нè чекаат, истакна Тони Јарески, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на собраниската говорница.
„Македонија има своја политика и интереси. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи за интересите на Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец“. Ова е еден од многуте цитати со кои сакавме да допреме до свеста и совеста на пратениците од мнозинството и претставниците на влада. Ова е еден од цитатите на великанот Гоце Делчев“, изјави Јарески.
„Многу великани дале живот, многу цитати беа кажано, но се чини не допираат до вас. Затоа луѓето кои ќе кренат рака за овој обид за велепредавство можат да бидат добри Бугари. Бидејќи со таков однос работат само за интересите на Бугарија, не Македонија“, рече Јарески.
Потенцираше дека со овој чекор се прави грешка од која нема назад.
„Овој обид за национална катастрофа кој го приредува СДСМ има причина, тендери и уште некој месец власт. Никогаш нема да влеземе во ЕУ доколку ова помине овде. Дали знаете дека ова крај нема, ужас без крај. Дали знаете каква катастрофа следи, што нè чека доколку се продолжи по овој пат. Нема разлика помеѓу оној првиот предлог за кој рековте не и сега овој за кој велите да. Сметаат дека сме нација на Коминтерната, неосознаени Бугари и вие сега на тастер ќе им дадете тоа да се напише во книгите и ќе им барате докази“, рече Јарески.
„Почеток за преговори нема бидејќи барањата за преговорите немаат крај, и бараат да се отвори Уставот, но тоа нема да се случи. Овој договор е ништовен, ниеден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги штити интересите на Македонија и Македонците. Сите вие што ќе кренете рака за ова предавство ќе завршите на буништето на историјата. Затоа оваа течност нека ве потсетува на крвата што ја газите, на жртвите од фашизмот, на децата од Ваташа и на крвта на хероите кои загинаа од Македонија а што вие ја поганите со вашите дела“, потенцираше Јарески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.