Македонија
Сончево и топло време со температура до 38 степени

Денеска времето ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 31 до 38 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло со мала облачност и со слаб ветер од северен правец.
Максималната температура ќе достигне 35 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Илинден започнува со реконструкција на спортско игралиште во Кадино

Општина Илинден постојано работи на реконструкција и урбанизација на сите населени места со цел задоволување на потребите на сите граѓани.
Деновиве е започната реконструкција на спортско игралиште во населеното место Кадино, поточно во дворот на основното училиште „Ристо Крле“. Со оваа реконструкција е предвидено поставување на нова заштитна ограда, осветлување со нови столбови и рефлектори, како и изработка на подна бетонска плоча. На ова спортско игралиште ќе бидат санирани головите и ќе бидат поставени нови табли за кошарка, со што истото ќе може да се користи за повеќе спортови, соопшти општина Илинден.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на игралиштето и истакна дека освен во просторното уредување и реконструкција, ова повеќенаменско спортско игралиште е од особена важност за релаксација и рекреација на жителите на општината. Градоначалникот додаде дека овој спортско-рекреативен терен, со својата разноврсност ќе им овозможи на сите жители да уживаат во играта, спортот и забавата.
Оваа реконструкција на веќе постоечки спортски игралишта и изградбата на нови, претставуваат континуитет на успешните проекти на Општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места, се наведува во соопштението на општина Илинден.
Македонија
Колку милиони евра однесоа Заев и Филипче во Дубаи, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„И по неколку дена сè уште молк од СДС дали Филипче исто како и Заев поседува златна виза во Дубаи и на кој начин ја стекнале истата. Дали Зоран Заев како инвеститор доби златна виза во Дубаи а со тоа и долгогодишен престој? Дали Заев има отворено фирма во Дубаи и дали тоа е начинот на кој за себе и фамилијата си обезбеди живот во Дубаи? Дали додека Заев гради згради од 50 спрата во Дубаи, Венко Филипче му ја чува фотелјата во СДС“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
„Филипче, Заев и СДС да одговорат како се стига до златна виза во Дубаи? Колку милиони евра однесоа Заев и Филипче во Дубаи и од каде им се средствата? Дали тоа се средства од провизии и профит стекнат на криминален начин за време на ковид кризата?
Колку милиони спечалени врз грбот на народот и на штета на државната каса проневери и префрли овој тандем во Дубаи? Јавноста заслужува одговори на овие прашања.
Кланот Заеви во тандем со Филипче ја уништија и уназадија државата за свои лукративни причини додека го осиромашуваа народот.
СДС, Филипче и Заев се синоним за криминал, неспособност и предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Партијата Левица: РЕК Битола повторно го загрози животот на граѓаните со радиоактивен пепел

„Радиоактивниот облак од пепел што се издигна над Битола како резултат на неодговорното работење на РЕК Битола, уште еднаш ги потврди укажувањата на Левица: Македонија е жртва на еколошка катастрофа поддржана од политичка немост и корупција. Без разлика дали на власт е ДПМНЕ или СДС – институциите се неми и парализирани пред интересите на големите загадувачи“, велат од партијата Левица.
„Загадувачите не се плашат од закони кои речиси никогаш не се спроведуваат. Симболичните казни не само што не ги одвраќаат, туку директно ги охрабруваат да продолжат со уништување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Погубната пракса на неказнивост стана правило, а народот ја плаќа цената.
Јасен е и примерот од 2019 година, кога беше поднесено обвинение за сличен еко-инцидент за РЕК Битола. Шест години подоцна, ништо не е променето. Ова е недвосмислен доказ дека еколошката правда во Македонија е мртва буква на хартија.
Последиците од неодговорното работење на РЕК Битола ќе бидат долгорочни и несогледливи. Токсичната пепел ќе остане во почвата, ќе ги контаминира водите, ќе го уништи земјоделството во Пелагонија и трајно ќе го загрози здравјето на целото население во регионот.
Левица бара итна и неотповиклива оставка од директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски – блискиот соработник и сопартиец на премиерот Мицкоски. Тој мора да сноси одговорност за нанесената штета.
Назначувањето на партиски кадри без експертиза на клучни позиции доведе до еколошки колапс, не само во Битола, туку и на локации како неодамнешната катастрофа со рудникот Тораница.
Дополнително, повикуваме на: Јавна, ефективна и транспарентна судска постапка; Одговорност од сите раководни структури на РЕК Битола; Ревизија на постојните еколошки стандарди; Спроведување на реални и суштински мерки за санација на штетата“, се наведува во соопштението на партијата Левица.