Спорт
Пипен: Кари е како мини Леброн

Леброн Џејмс и Стивен Кари се меѓу најуспешните кошаркари на 21 век, но тешко дека би можеле да бидат поразлични по физичките карактеристики. Сепак, легендарниот крилен кошаркар Скоти Пипен направи споредба меѓу нив двајца.
Во текот на изминатата сезона многумина зборуваа за тоа дека Кари напорно работел на физичката подготовка и дека тоа е една од клучните причини за неговите фантастични игри во плеј-офот, период кога противничките одбрани се најагресивни.
„Стеф ми е како мини Леброн. Ако зборуваме за физичките карактеристики, Стеф е силен за својата висина. Мислам дека лесно може да одигра уште шест сезони. Тој е толку добар шутер, најдобар во историјата, што чувствувам дека би можел да биде на теренот во НБА во своите 50-ти години“, изјави Скоти Пипен за НБА радиото Сириус XM.
„Покрај шутирањето, кошаркарскиот коефициент на интелигенција на Кари е неверојатен, тој им покажа на многу други чувари што може да постигне во играта. Би сакал да видам како Стеф би играл доколку Кевин Дурант не дојдеше во Вориорс. Стеф е посебен играч и уживам кога го гледам“, изјави прославениот кошаркар, шесткратен шампион во НБА и седумкратен Ол-стар.
Кари, исто како Џејмс, освои четири шампионски титули во НБА. И двајцата, заедно со Пипен, беа избрани меѓу 75-те најдобри кошаркари во историјата на НБА на церемонијата одржана претходно оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
За Ендрик нема место во Реал

Младиот бразилски напаѓач, Ендрик не успева да се наметне во Реал под команда на Чаби Алонсо. Бразилецот е закован за клупата, не одигра ниту една секунда од почетокот на сезоната и се очекува во јануари да биде испратен на позаијмица.
Пред неколку недели Ендирк се поврзуваше со Валенсија, а бразилскиот „ESPN“ пишува дека Марсеј се приклучил во трката.
Тимот предводен од Роберто де Зерби има бод помалку од првопласираниот Пари Сен Жермен и се чини дека би можеле да се борат оваа сезона за титулата.
Со оглед на тоа што Африканскиот куп на нации доаѓа во зима, Марсеј ќе биде без Обамејанг и Гири со што ќе се отвори дупка во нападот и потенцијален проблем во трката за трофејот.
Ендрик би можел да биде решението. Засега, Бразилецот не сака да брза со одлуката, но очигледно е дека ќе мора да замине од Мадрид доколку сака да игра и да се избори за место во репрезентацијата која ќе настапи на Светското првенство следното лето.
Спорт
„Модриќ, Џеко, Варди. Кој ќе плати за да гледа гробишта за слонови?“

Италијанскиот фудбалски новинар Паоло Барџиѓа предизвика бурни реакции откако објави нова епизода од подкастот „Центрокампо“, каде што даде низа остри коментари против одредени фудбалски ветерани, вклучувајќи го и Лука Модриќ.
Неговите изјави, кои ги пренесоа „Milannews.it“ и бројни корисници на социјалните мрежи, предизвикаа бран полемики во Италија.
Во клип кој брзо стана вирален, Барџиѓа ја спореди италијанската Серија А со „гробишта на слонови“, алудирајќи на фактот дека клубовите сè повеќе им даваат шанса на играчите во доцните фудбалски години, наместо на помладите таленти.
Како примери ги наведе Лука Модриќ, Един Џеко и Џејми Варди.
„Модриќ во Милан, Џеко, Варди… Тие се готови како играчи! Кој ќе плати за да гледа гробиштата на слонови? Го носите Ричи за 25 милиони, а играте со некој што има 40 години!“, рече Барџиѓа, предизвикувајќи лавина реакции од јавноста.
Сепак, формата на хрватскиот ас ги негира сите негови тврдења. Лука Модриќ, кој ова лето пристигна во Милано како слободен агент од Реал Мадрид, продолжува да докажува дека возраста не е пречка за него. Од почетокот на сезоната, тој ги одигра сите шест натпревари од Серија А во почетниот состав и e еден од клучните играчи во тимот на Масимилијано Алегри.
„Росонерите“ моментално се на третото место на табелата, а примија само три гола.
Покрај тоа, „Ла Газета дело Спорт“ наведува дека Модриќ е на самиот врв во лигата по бројот на прецизни додавања и точноста на додавањата, поради што раководството на Милан веќе планира да му понуди продолжување на договорот.
Спорт
„Нејмар во Интер? Глупости!“

Во изминатите неколку дена се појави информација дека Нејмар бил понуден на Наполи и Интер ова лето, но повредата го натерала да остане во Сантос.
Бидејќи неговиот договор со Сантос истекува на крајот од годината, извесно е дека брилијантниот напаѓач ќе го промени клубот.
Се споменуваше Интер Мајами, каде што ќе им се придружи на Меси и Суарез, а се пишуваше дека повторно ќе биде понуден на клубови од Серија А.
Сепак, тоа нема да биде Интер од Милано, бидејќи спортскиот директор на овој клуб, Пјеро Аусилио, ги негираше тврдењата на медиумите.
„Нејмар во Интер? Тоа се глупости! Никогаш не сме разговарале за тоа, ниту сме испратиле понуда. Се обидовме со Лукман, но напредокот на Пио Еспозито и Бони ни овозможи да видиме напредок. Исто така, го следевме Хојлунд“, рече Аусилио во интервју за „Кориере дело Спорт“.