Регион
(Видео) Товарен авион се урна во Грција
Според информациите авионот требало да лета од Србија за Јордан, а се урнал синоќа во близина на Кавала во северна Грција, јавува Екатимерини. Како што наведуваат медиумите, авионот носел оружје во Украина.
Инцидентот се случил нешто пред 23 часот, јавуваат грчките медиуми. Порталот Flightradar24 објави дека авионот е украински Антонов Ан-12БК, на американската компанија Meridian Ltd и дека летал од Србија.
– Reports of an Antonov #cargo aircraft carrying weapons for #Ukraine, has crashed in the north of #Greece near the city of #Kavala.pic.twitter.com/dcHYnJ5InM
— Oliver T. Mhuriro (@Oliver_Mhuriro) July 16, 2022
Летот бил на пат за Аман кога се свртел назад кон копното на половина пат преку Егејското Море. На местото на настанот е испратена силна противпожарна единица и медицински екипи. Противпожарната бригада на Твитер објави дека 15 пожарникари со седум возила го гаснат пожарот на местото на несреќата. Според грчките медиуми, во него немало патници освен членовите на екипажот.
Според командантот на АЦВ, Константинос Лизаракос, авионот пријавил штета во атинскиот FIR и сакал да слета во Кавала. Сепак, авионот се урнал, пренесува Прототема. Извештаите покажуваат дека авионот го загубил четвртиот мотор во воздух и се запалил. Пилотот пријавил дефект на моторот и бил пуштен да слета на аеродромот во Кавала, но леталото ја изгубило патеката десет наутички милји западно од тој град.
In #Griechenland #Kavala ist eine Maschine der ukrainischen Airline Antonov abgestürzt https://t.co/Hiq0kdDaaY
— Greekphase (@greekphase) July 16, 2022
На интернет веќе се појавија снимки направени од очевидци, на кои се гледа како авионот гори и секундарни експлозии.
Противпожарната служба ги повика граѓаните кои се насобраа околу местото на несреќата да се оддалечат.
Весникот „Ворија“ пишува дека во околните села е прекинато снабдувањето со електрична енергија, најверојатно поради искршени кабли.
Според грчките медиуми, се работи за српски авион кој носел муниција. Затоа одекнаа експлозиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

