Свет
(Видео) Паника на плажа во Калифорнија: Морски лавови ги избркаа туристите
На калифорниска плажа во близина на Сан Диего, испровоцирани морски лавови нападнаа капачи кои побегнале за да го избегнат нападот на овие инаку мирољубиви животни.
Шалијан Џеина, кој снимаше се на камера, изјави за NBC San Diego дека претходно еден од капачите им пришол и се обидел да ги фотографира одблиску. Тоа ги вознемирило животните, кои потоа, како што се гледа на видеото, ги бркаат туристите од плажата.
„Се надевам дека ова видео ќе биде едукативно искуство за идните посетители“, рече таа, додавајќи дека верува дека видеото ќе ја подигне свеста за тоа колку морските лавови можат да бидат опасни.
Морските лавови не се ништо ново кога станува збор за Калифорнискиот залив. Покрај плажата има дури и знаци кои ги предупредуваат посетителите да им дадат простор на фоките и морските лавови и да не ги вознемируваат.
Двата морски лава кои ги нападнаа туристите, за среќа, никого не повредија, но видеото брзо стана вирално на интернет.
????CALIFORNIA :#VIDEO SEA LIONS CHASING PEOPLE AT A BEACH IN SAN DIEGO!
Lifeguards were on standby in the water ensuring no one was hurt.
It’s recommended people stay at least 50 ft away from sea lions#Flash #SanDiego #California #SeaLions
????Malik Earnest pic.twitter.com/FspL6oe477— loveworld (@LoveWorld_Peopl) July 10, 2022
Инаку, овие интелигентни животни лесно стекнуваат различни вештини. Дури и американската морнарица ги користи за воени цели.
Тие се способни да нуркаат до длабочина од 74 метри и евидентирано е дека можат да го задржат здивот до 12 минути. Со пливање тие можат да достигнат брзина од околу 40 km/h.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

