Македонија
(Видео) Коциќ: Државничката одлука на мнозинството пратеници го отвори европскиот пат, македонскиот јазик во ЕУ

Македонското Собрание, со поддршка од мнозинството пратеници, донесе државничка одлука што обезбедува европска иднина за сите наши граѓани со заштитен македонски јазик, идентитет и култура. По 17 години чекање, конечно ги почна долго очекуваните и заслужени пристапни преговори за членство во Европската Унија. Во ЕУ влегуваме како Македонци со македонски јазик, со чиста формулација, без фусноти, без дополнителни придавки и објаснувања. Целата јавност можеше да види во Брисел дека македонскиот јазик е веќе дел од институциите на Европската Унија, на официјалните канали на Унијата. Гласно ечеше македонскиот јазик во ЕУ, изјави на денешната прес-конференција Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
Тој додаде дека во процесот успеавме да ги заштитиме националните и државни интереси, поставени со Резолуцијата што заеднички ја усвоивме овде во Собранието. Со тоа паднаа во вода сите лаги, манипулации и хистерии што ВМРО-ДПМНЕ и нивниот проруски партнер Левица ги ширеа во Собранието и надвор од него. Од друга страна, сè уште има молк од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за нивното срамно прифаќање на ознаката НМК за време на самитот на ЕПП. Тоа е голема разликата. Македонски јазик во ЕУ наспроти НМК на Мицкоски на конгресот на ЕПП.
Коциќ истакна дека веднаш по завршување на меѓувладината конференција, почна и процесот на скрининг кој ќе даде простор да се вклучат сите и да се отвори дијалог овде во Собранието. Процесот на скрининг е идентичен и за нас и за соседна Албанија со што паѓа во вода уште една манипулација на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Како парламентарно мнозинство им честитаме на сите граѓани и упатуваме благодарност до сите пратеници кои со својот глас ЗА придонесоа за реализација на втората стратешка цел на државата – членството во ЕУ. За разлика од нив, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побегнаа од салата и воопшто не собраа храброст ниту да гласаат.
Ние, пратениците од парламентарното мнозинство, ќе продолжиме посветено да работиме на спроведување на реформскиот процес кој обезбедува подобар живот за нашите граѓани и нè доближува до полноправно членство во Европската Унија, изјави Коциќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.