Економија
Забранет извозот на огревно дрво, пелети и пченица и брашно, укината царината за увоз на масло за јадење до крајот на годината

По предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе две одлуки за ограничување на извозот на одредени производи и одлука за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.
Овие одлуки се донесени со цел се избегнат шпекулативни дејства на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните и да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените, објави министерот за економија, Крешник Бектеши.
За да се спречат сериозни нарушувања на пазарот во земјата, кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година, да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица.
Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и нарушувањата на светскиот пазар на пченица, на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи неопходни за исхрана на населението.
Исто така, по предлог на Министерството за економија, на денешната владина седница беше донесена одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година.
Оваа одлука за привремено ограничување на извозот на огревно и необработено дрво и пелети е донесена со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.
Одлука за привремена забрана на извозот на одредени дрвни сортименти неодамна имаат донесено владите на Србија, Босна и Херцеговина и на Црна Гора.
Исто така, по предлог на Министерството за економија, со консултација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата повторно донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење поради потребата да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.
Оваа одлука ќе важи до 31.12.2022 година. Ваква одлука се применуваше до 31 мај 2022 година. Имено, редовната царинска стапка на маслото од сончоглед за јадење е максимум 29 %, така што со оваа мерка се дава можност на увоз од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата или се предмет на мала бесцаринска квота во рамките на договорите за слободна трговија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Заврши времето на матни тендери во енергетиката, СДС да се помири дека државата оди напред

ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата на Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
„Заврши времето на матни тендери во енергетиката, СДС да се помири дека државата оди напред.
Ветерниот парк во Штип, Карбинци и Радовиш е најголема енергетска инвестиција од осамостојувањето до денес. 500 милиони долари ќе влезат во државата, а СДД наместо да се радува лее солзи.
Многу скоро од денес, Македонија од увозник на струја, ќе стане извозник.
Владата ја обезбедува енергетската сигурност на државата.
Иднината во Македонија ќе биде сигурна, сите ќе живееме во држава која ги има сите придобивки на 21-от век. А, СДС слободно може да останат со реториката во минатиот век, народот тоа го гледа и ќе ги избрише на следните избори“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
(Видео) Илиевски: Има ли „Алказар Енерџи“одобрение за градба или не, каков е бизнис интересот на Божиновска и Мицкоски?

Владата на ВМРO-ДПМНЕ прави класична распродажба на националните ресурси од македонската енергетика, кажа денеска на прес-конференција, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
„Иако Владата го претставува ветерниот парк на „Алказар“ како историска инвестиција – фактите говорат нешто сосема поинаку. Моделот на „Алказар Енерџи“ е јасен: развиј, изгради и продади. Токму тоа се случи со нивниот прв фонд – проектите развиени на Блискиот Исток беа продадени 100% на кинески државен конзорциум“, вели Илиевски.
Според него, „прашањето не е дали ветерниот парк ќе биде продаден, туку кога и на кого“.
„Кој е вистинскиот бизнис интерес на Мицкоски? Дали тука се вклучени и контроверзни имиња од регионот, добро познати од трговијата со струја? Дали со нив соработувал тандемот Мицкоски – Божиновска? Пред една година од ВМОР-ДПМНЕ тврдеа дека паркот ќе обезбеди струја за 100.000 граѓани. Сега Мицкоски смени лента, од собраниска говорница најавува дека странска компанија ќе ја откупува струјата. Па, кого навистина ќе снабдува овој проект – народот или приватниот купувач? Зошто бизнис модел кој се темели на продажба се претставува како долгорочно стратешко партнерство?“ истакна меѓудругото потпретседателот на СДСМ, Илиевски.
На прес-конференцијата регираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Заврши времето на матни тендери во енергетиката, СДС да се помири дека државата оди напред. Ветерниот парк во Штип, Карбинци и Радовиш е најголема енергетска инвестиција од осамостојувањето до денес. 500 милиони долари ќе влезат во државата, а СДД наместо да се радува лее солзи. Многу скоро од денес, Македонија од увозник на струја, ќе стане извозник. Владата ја обезбедува енергетската сигурност на државата. Иднината во Македонија ќе биде сигурна, сите ќе живееме во држава која ги има сите придобивки на 21-от век. А, СДС слободно може да останат со реториката во минатиот век, народот тоа го гледа и ќе ги избрише на следните избори“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
„Најголемиот пораз од 1515 година“ – високите царини од САД за Швајцарија ќе остават без работа илјадници луѓе

Иако швајцарската претседателка Карин Келер-Сатер го напушти мајскиот состанок со американскиот министер за трговија Скот Бесант со насмевка, уверена дека постигнала договор за воведување царина од 10 проценти наместо најавените 31, Вашингтон сепак воведе многу повисока царина за Женева, дури 39 проценти. Оваа царинска стапка ја рангира Швајцарија на четврто место во светот по нивото на американските царини, веднаш зад Сирија, Лаос и Мјанмар.
Непосредно пред 1 август, крајниот рок за завршување на трговските преговори со САД, претседателката се обиде да го спречи овој исход преку директен разговор со Трамп, но без успех.
Швајцарскиот весник „Блик“ ја нарече оваа царинска мерка „најголемиот швајцарски пораз од Битката кај Марињано во 1515 година“. Мислењата во земјата се поделени, додека некои веруваат дека Швајцарија била премногу строга во преговорите, додека други ја критикуваат дека е премногу попустлива. Третите, од друга страна, ладнокрвно наведуваат дека Швајцарија е едноставно премногу мала за да го склучи големиот договор со Трамп на кој се надеваше.
Новиот трговски поредок што го воведуваат САД, според Би-Би-Си, никому не му носи добри вести.
Американскиот претседател со години се обидува да ги корегира трговските дефицити што САД ги имаат со одредени земји преку царини, иако повеќето економисти не се согласуваат со ова. Тој верува дека царините ги штитат домашните производители и работните места, особено во секторите кои со децении се соочуваат со жестока странска конкуренција.
Трговскиот дефицит на САД со Швајцарија изнесуваше 47,4 милијарди долари во 2024 година. Кога ќе се вклучат услугите, тој се намалува на 22 милијарди. Швајцарија најмногу извезува фармацевтски производи, златен накит, часовници и машински алати во САД.
Во обид да се намали нерамнотежата, швајцарската влада ги укина царините за американските индустриски производи, додека големи компании најавија повеќемилионски инвестиции во производствени капацитети во Соединетите Американски Држави.
Денес, Швајцарија е шестиот најголем странски инвеститор во САД, а нејзините компании директно вработуваат околу 400.000 луѓе во таа земја.
Швајцарските фирми сега предупредуваат дека десетици илјади работни места би можеле да бидат изгубени ако царината од 39 проценти остане во сила, откако ќе се примени на 7 август.
Би-Би-Си наведува дека Женева има многу малку простор за контрамерки и веќе им понудила на САД речиси сè што има.
Единствената преостаната опција би можела да предизвика сериозна трговска војна: повлекување на најавените инвестиции, воведување реципрочни царини и откажување на нарачките за американски борбени авиони.
Карин Келер-Сатер испрати јасна порака во петокот: одговорноста за трговската криза е кај – Доналд Трамп.