Македонија
(Видео) Ковачевски: Ние сме подготвени за ЕУ, следува напорна и посветена работа на реформи
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва организира прием по повод почнувањето на преговорите на Македонија со Европската Унија. На средбата, на која беше присутен државно-владиниот врв, пратениците, амбасадорите на земјите членки на ЕУ, политички фактори, претставници на граѓанското општество, на медиумите и стопанственици, премиерот Ковачевски се обрати пред присутните.
„Конечно, по 17 години, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство. Вчера, отворивме ново поглавје во македонската историја. Европско поглавје, кое ќе донесе забрзан развој, просперитет и стабилност. Овој пат не беше лесен и за тоа сите сме свесни и затоа искрено ви се заблагодарувам на сите за несебичниот ангажман, заложба и поддршка и ве охрабрувам да останете исто така ангажирани и во наредниот период. Вашата поддршка ќе биде од непроценливо значење и понатаму, особено што сега треба да ги вклучиме сите расположливи капацитети и да работиме исклучително посветено за да можеме да ја имаме најбрзата можна интеграција во Европската Унија“, нагласи во обраќањето Ковачевски.
„Имавме многу предизвици, но како што кажав и вчера, ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината и да не останеме заложници на минатото. Решивме да бидеме одлучни, храбри, мудри и несебични, да не мислиме на нас, туку на идните поколенија, да мислиме на нашата држава и на мирот, безбедноста, стабилноста и на иднината. За мене, највисока форма на патриотизмот е носењето државнички и прогресивни одлуки имајќи притоа јасна визија и план за иднината и искрена заложба за просперитет на државата и на сите граѓани. Тоа е најчистата и најискрена форма на почит и љубов кон татковината“, истакна премиерот.
Појасни дека водени од тој принцип на патриотско и државничко однесување ја имаме донесено и конечната одлуката, со која, како што вели, „обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност, а воедно обезбедивме и почеток на преговорите“.
„Ве уверувам, а тоа го потврдија во повеќе наврати и високите претставници на Европската Унија и тука дома кај нас, но и вчера во Брисел, дека нашите позиции се зачувани и потврдени. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци што говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Бевме јасни и гласни дека за овие нешта ниту се преговара ниту ќе се преговара.
Нашиот идентитет не само што ќе биде заштитен туку тој и ќе се збогати и ќе го збогати комплексниот европски идентитет, како што во својот говор вчера истакна и високиот преставник Борел. Она што нѐ дефинира нас, нашите особености, специфики, традиција, култура, обичаи – ќе бидат автентично наши, македонски, но споделени со сите наши пријатели во Европската Унија. Тоа е она што и нас и Европската Унија ќе нѐ направи побогати“, додаде Ковачевски.
Оцени дека вчерашниот ден беше историски.
„Вчера, пред 27 земји членки, опкружен со поддршка од нашите европски пријатели, ја имав огромната чест во име на граѓаните да зборувам на мојот мајчин македонски јазик во Советот на Европската Унија и да ја искажам нашата јасна и цврста сегашна позиција, но и нашата визија за иднината. Нашата земја е Европа во мало. Доаѓа периодот на напорна работа“, нагласи премиерот.
Според него, сега е времето кога треба да застанеме заедно, обединети, полни оптимизам и верба за подобро утре, за да можеме да ги здружиме силите и заеднички да се посветиме на развивање силна, успешна и просперитетна европска држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи: „Градиме поотворена и подоверлива администрација“
Владата на Република Северна Македонија го усвои официјалниот извештај за реализацијата на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, кој сведочи за значителен напредок во отворањето на институциите кон граѓаните. Над 20 владини институции целосно ги објавиле информациите побарани од јавноста, додека 22 институции ги направиле транспарентни своите постапки за јавни набавки, конкретни чекори што ја зајакнуваат довербата на граѓаните во управувањето со јавните средства, соопштија од Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење.
„На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на заклучоците од Стратегијата за транспарентност (2023–2026). Извештајот ги прикажува мерливите резултати постигнати од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, министерствата и другите државни институции.
Клучни постигнувања наведени во извештајот:
• Активна транспарентност кон граѓаните 20 институции ги објавиле на своите официјални веб-страници сите одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер, анонимизирани, почнувајќи од 24.6.2024 година. Три институции делумно ја исполниле оваа обврска, додека уште 15 институции се во завршна фаза на објавување.
• Отворање на постапките за јавни набавки 22 институции ги објавиле своите внатрешни процедури за јавни набавки на официјалните веб-страници. По завршувањето на периодот на мониторинг, и Министерството за социјална политика, демографија и млади ја објави својата процедура, давајќи дополнителен позитивен пример. Во меѓувреме, уште 16 институции се во процес на финализирање на објавите.
• Унапредување на Акцискиот план Ревидиран и усвоен е Акцискиот план на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, со пореални рокови и јасно утврдени одговорности за секоја мерка.
• Дигитални чекори и подготовка за иднината Министерството за дигитална трансформација работи на креирање посебни секции на владиниот портал за заменик-претседателите на Владата и министрите без ресор. Исто така, веќе е формирана меѓуинституционалната работна група за изработка на Нацрт-стратегијата за транспарентност 2027–2029, а во наредните денови се очекува Владата формално да ја одобри, со цел интензивната работа да започне во текот на март“.
Заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, истакна дека транспарентноста станува институционален стандард.
„Усвојувањето на овој извештај не е административен формалитет, туку доказ за реална посветеност да се обезбеди побрз и поцелосен пристап до информации. Преку меѓуинституционална соработка, градиме поотворена, поодговорна и подоверлива администрација за граѓаните“.
Македонија
Средба на градоначалниците на Битола и Пустец: разменети информации за состојбите во општините
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски денеска имаа средба со градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, кој е во посета на Општина Битола.
На средбата двајцата градоначалници разменија информации за состојбите во општините, за проектите кои ги реализираат, како и за продолжување на соработката во повеќе области.
Беше нагласена и иницијативата од двете страни, како општините да продолжат да соработуваат и преку прекугранични проекти со европски пари, за што и двете општини имаат искуство во таквата соработка.
Македонија
Николоски со претставници на Европската Комисија: бара изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со министерот за внатреши работи, Панче Тошковски и заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска одржаа конференциски состанок со претставници на Европската Комисија како и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти. Исто така на состанокот беа вклучени и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите од Западен Блакан, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
На состанок се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите во земјите на Шенген зоната како и изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците.
Николоски ја поздрави иницијативата на ЕК за надминување на проблемот и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата преку кој се бара соодветно решение за овие категории на работници поради потребата од извршување на работните обврски во рамки на земјите од Шенген зоната.
Во очекување на трајно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската Комисија реално да го идентифицира проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да импелментира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај.
Претставниците на Европската Комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ во која превозниците се прифатени како професионалци и беше истакнато дека ја разгледуваат можноста оваа категорија на работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите.
На состанокот беше потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година.
Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.
На состанокот ЕК ја потенцираа важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавија целосна посветеност во изнаоѓање на трајно прифатливо решенија кое е во интерес на сите засегнати страни.
Исто така на состанокот беше потенцирано дека ова е многу важна тема за Европската Унија и во наредниот период ќе се продолжи комуникацијата меѓу сите засегнати страни.
Од министерството информираат дека Владата веќе изрази целосна подршка на превозниците и во насока на изнаоѓање на прифатливо решение за истите ги презема сите мерки што и стојат на располагање со цел да се овозможи непречена работа во рамки на меѓународниот патен сообраќај.

