Македонија
МНР: Целта на унилатералната изјава е да се осигури употреба на чиста формулација за македонскиот јазик, без фусноти
Унилатералната изјава на Република Северна Македонија претставена на првата меѓувладина конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија е еднострана изјава, чија првенствена цел е да се осигури употребата на чиста формулација за македонскиот јазик, без какви било објаснувања, додавки или фусноти, во документите на Советот на Европската Унија. Во таа функција со оваа изјава се соопштува нашата позиција, пропишана во Уставот на Република Северна Македонија за македонскиот јазик како службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи, велат од Министерството за надворешни работи.
Изјавата, како што објаснуваат, во себе содржи релевантни делови од Уставот на Република Северна Македонија, резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија од 29 јули 2021 година и заклучоците од седницата на Собранието на Република Северна Македонија од 16 јули 2022 година. „Во согласност со форматот на унилатералната изјава даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите што се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје, односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево. Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ, како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука“, се потенцира во информацијата од Министерството.
Потсетуваат дека преговарачката рамка за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, која беше усвоена од Советот на ЕУ на 18 јули 2022, е првиот документ на Советот на ЕУ, во кој е содржана чиста формулација за македонскиот јазик. Како што беше најавено од Европската комисија, набргу ќе биде склучен договорот за статусот на Фронтекс со јазична одредба, во која, покрај 24-те службени јазици на ЕУ, ќе биде поименично наведен и македонскиот јазик. Договорот за статусот на Фронтекс ќе биде првиот билатерален договор меѓу Северна Македонија и Европската Унија, кој ќе содржи стандардна јазична одредба со вклучен македонски јазик, додаваат од МНР.
„Сите идни документи на Европската Унија, каде што ќе треба да биде наведен македонскиот јазик, во нивната целосна правна, политичка и административна форма ќе ја гарантираат рамноправната позиција на македонскиот јазик и неговата употреба, без какви било објаснувања, додавки или фусноти“, се истакнува во соопштението од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Видео) „Молкот на власта за скандалот со 5 тони дрога е потврда дека се штитат виновните“, вели Огњеновиќ
„Втор ден по ред власта молчи за картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија. Молкот е потврда дека власта се обидува да го заташка скандалот и да ги заштити виновниците. Како тоа поминале 5 тони дрога преку македонската граница а нема одговорност од никој“, прашува Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
„Нели има „сејф сити“ камери, скенери и контроли на граничните премини. И никој ништо не видел, не чул, додека дрога од 5 тони така лесно се пренела?
Без поддршка, заштита и логистика од структури во власта, во МВР, во Царина, криминал од вакви размери не е можен.
Прашање е уште колку вакви пратки дрога редовно поминувале, колку уште тони дрога се пренесени преку македонските граници. И уште колку тони дрога се уште се шверцува.
Овој картелски скандал покажува до каде одат пипците на криминалот и корупцијата на власта.
СДСМ со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, а овој случај е уште една потврда за тоа. Секојдневието на македонските граѓани е како во мафијашки филм.
Криминални тендери, шверц на 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. За картелскиот скандал со 5 тони дрога мора да има одговорност. Обвинителството мора конечно да се разбуди и да отвори истрага.
Кој се во Македонија е вмешан во шверцот на дрога? Колку дрога е помината преку границите? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари? Кој ќе одговара“, праша на прес-конференцијата, Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Иницијатива на Лајка: „Биди мојот Валентајн за еден ден” – прошетка и љубов за бездомни кучиња
Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни – „Биди мојот Валентајн за еден ден”. Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, известуваат од Лајка.

„Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.
Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Сите заинтересирани можат да се пријават на нашите телефонски броеви или преку нашите социјални мрежи.
Иницијативата е отворена за сите над 18 години, а учесниците ќе добијат инструкции за безбедно дружење со кучињата“, соопштуваат од Лајка.

