Македонија
„Кичево одржливо Експо“ утре дел од Белички средби во кичевско село Белица
Пчелари, билкари, грнчари и креативци од Кичевскиот Регион ќе учествуваат на второто издание на „Кичево одржливо експо“ кое е дел од Беличките средби, а ќе се одржи утре, 23 јули 2022, сабота, со почеток од 17 часот во село Белица во организација на „Екосвест“.
„Кичевскиот Регион има многу можности за развој кои не се поврзани со енергетскиот сектор. Можности за одржлив туризам, земјоделство, пчеларство, дури и органско земјоделство, собирање бобинки, печурки и лековити растенија како дел од планинарските тури – сите овие се само некои од можностите кои на регионот можат да му донесат развој и да го стават на мапата на атрактивни дестинации кои треба да се посетат“, вели Кристина Димитрова, проектен координатор во „Екосвест“.
Раде Момировски, еден од организаторите на настанот „Белички средби“, сака селото Белица да го направи посакувано место за живеење.
„Во Белица има безброј можности за туризам, земјоделство, пчеларство, производство на храна, но и за фармерски живот за млади брачни парови што е хит ширум Европа. Потребно е младите да се поттикнат и да им се потенцираат предностите на животот во селата. Реновираното поранешно училиште, кое локално го викаме ‘Беличката палата’, ќе биде една од тие места во кои може сите да се дружат, а Беличките средби се настан кој со децении нè прави уникатни во овој регион, привлекувајќи гости од земјата и странство“, додава тој.
Организаторите со ова сакаат да испратат порака дека неопходно е сите ние да бидеме генерацијата што ќе ја зачува иднината и затоа сите се добредојдени утре, сабота, 23 јули 2022 од 17:00 часот на „Кичево одржливо експо“, на кое ќе можат да се запознаат и да се вклучат во неформална дискусија за начините како Кичевскиот Регион да стане отпорен на климатските промени преку развој на алтернативни зелени економски гранки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

