Култура
Концерт „Монастир“ денеска напладне во Предворјето на „Света Софија“
Тринаесеттиот фестивалски ден на 62-то „Охридско лето“ продолжува денеска напладне со проектот „Монастир“ кој во Предворјето на црквата „Света Софија“ ќе спои музичари од Израел, Република Северна Македонија и САД.
Тие ќе изведат песни кои во минатото биле омилени кај Евреите од Монастир со тематика што во себе носи носталгија, меланхолија, спасение и слично. Некои песни се изведуваат на јазикот Ладино, сефардски јазик кој го говореле Eвреите во Монастир, додека пак други се на еврејски и на македонски, и во нив се споменуваат Евреите од Монастир.
„Монастир“, проект предводен од вокалистката и композиторка Сара Ароесте ја слави богатата еврејска култура која цветала во Монастир (денешна Битола) пред Втората светска војна. Ароесте која потекнува од Монастир – Битола посветува години на истражување и проучување на приказните и музиката на оваа сега веќе непостоечка заедница.
За време на пандемијата, Сара Ароесте успева дa го создаде и сними албумот заедно со нејзиниот музички соработник Шаи Бахар (Израел), и албумот е издаден во 2021 година кога добива одлични критики и награди. Концертот ова лето претставува прва изведба во живо на албумот заедно со Хелена Суша, Вевки Амедов, Сефедин Бајрамов, Шани Шавит, Мајан Доари и други гости. Со неверојатни визуелизации и со нови, но и стари композиции „Монастир“ ја раскажува музичката историја на една заедница која била нераскинлив дел од животот во С. Македонија. Проектот е еден вид сведочење за едно минато време, со надеж дека музиката од тој период ќе продолжи да „живее“ и денес.
Овој проект е поддржан од Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
MINТ Fintech Group – сребрен партнер на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
MINТ Fintech Group со гордост објавува дека е сребрен партнер на 45-то издание на престижниот Интернационален фестивал на филмската камера Браќа Манаки. Овој значаен настан, кој ја слави уметноста и визионерството во светот на кинематографијата, претставува платформа на која креативноста и иновациите одат рака под рака.
Како компанија што ја става иновацијата и технолошкиот развој во фокус, MINТ Fintech Group верува во поддршката на културните и уметничките иницијативи што го збогатуваат општеството. Нашата посветеност на финансиските иновации и современите технолошки решенија се одразува и во нашето партнерство со фестивалот, кој ја истакнува важноста на инспирацијата зад секој филмски кадар.
MINТ Fintech Group гордо го поддржува креативниот процес на филмската индустрија и продолжува да гради мостови меѓу финансиските иновации и уметноста.
ПР
Култура
„Бизнисот на задоволството“ почнува со прикажување во кината во целата држава
Политичкиот трилер „Бизнисот на задоволството“, на режисерот Гоце Цветановски, од четврток, 19 септември, почнува да се прикажува во киносалите во Македонија.
Македонската кинопремиера ќе биде во „Синеплекс“ по што филмот ќе стане дел од редовниот репертоар за скопската публика. Од следната недела ќе се прикажува и во киното „Киноверзум“ во Кисела Вода.
На 19 септември проекции ќе има и во домовите на културата во Пробиштип, Богданци и во Свети Николе, како и во киното „Мис Стон“ во Прилеп. В сабота, 21.9., ќе стигне и во Домот на културата во Кочани, во присуство на дел од екипата, а на 22, в недела, ќе биде прикажан во „Киноверзум“ во Штип и во Велес.
Термините за другите градови ќе бидат дополнително објавени и можете да ги следите на фејсбук-страницата на „Бизнисот на задоволството“.
Филмот во својата меѓународна фестивалска година заобиколи пет континенти, се закити со 32 селекции и доби 10 награди, од кои пет за најдобар филм.
Трилерот на Цветановски ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.
Култура
Љутков: Македонското културно наследство е скапоцен дел од европското богатство
На денешната конференција на Европските денови на културното наследство, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ги поздрави учесниците истакнувајќи го значењето на конференцијата, која е еден од најшироко прифатните културни настани што ги обединува луѓето од целиот европски континент.
„Македонската култура е симбол на континуитет и еволуција, која го збогатува заедничкиот европски идентитет со својата автентичност, прикажувајќи го нашиот народ како чувар на своите традиции, но и како учесник во создавањето една нова, модерна и креативна Европа“, рече министерот Љутков говорејќи на темата на конференцијата, „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“.
Министерот Љутков порача дека со зачувувањето на европското културно наследство ние го чуваме и нашиот идентитет, учиме од минатото и ја цениме различноста што нè обединува. Во тој контекст министерот додаде: „Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традиција, која ги отсликува нашата историја, уметност и духовност. Нашите археолошки наоѓалишта, црковни споменици, традиционални обичаи и уметнички дела сведочат за длабоките културни врски со вековите и го претставуваат нашиот уникатен придонес во европската културна ризница“.
По усвојувањето на Европската културна конвенција на 19 декември 1954 година од страна на Советот на Европа, како документ кој има цел да ја промовира културната соработка меѓу европските земји и да го зачува и да го заштити заедничкото културно наследство на европските народи, Деновите на европското наследство се широко прифатен настан, кој се одбележува со илјадници активности во цела Европа.
На темата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“ во нашата земја оваа година ќе бидат организирани настани во 14 града и села, со учество на 20 музеи, невладини организации и други институции, кои се ангажирани на полето на културното наследство.
Министерот Љутков ја изрази посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за унапредување на состојбите во заштитата на културното наследство како врвен приоритет, кој овозможува афирмација и промоција на нашата држава во Европа.
На отворањето на конференцијата учесниците и присутните гости во Порта „Македонија“ ги поздравија и Викторија Трајков, заменик-министер за европски прашања; Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија; Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.
На конференцијата, на повеќе панел-дискусии, свои излагања ќе имаат дваесетина експерти од земјата и странство.