Македонија
(Видео) Стоилковски: „Македонијапат“ плаќа 12.000 евра за цистерна, 11.000 евра повеќе од реалната вредност
„Македонијапат“, водена од Костадин Ацевски, кадар и поранешен пратеник на СДСМ, склучила договор за битумен, тендер вреден 10 милиони евра, од кој речиси 4,5 милиони евра се даваат само и само за транспорт. Ова е нереална сума ниту, пак, е сума што одговара на пазарот, на пазарната цена за транспорт на битумен, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Како што рече, „Македонијапат“ склучила договор за транспорт на битумен, со кој се плаќаат неверојатни 4,5 милиони евра само за транспорт.
„Се работи за 374 цистерни по над 12 илјади евра за цистерна, прецизирам, само за транспорт. Цената на битуменот не игра улога во определувањето на цената на тендерот. Така и се определува најповолната понуда. Постои променлив дел, а тоа е цената на битуменот и постои фиксен дел, а тоа е сумата за транспорт, тоа се пари, односно оној што дава понуда за да го носи битуменот. Таква е и формулата при пресметка за најповолна понуда. Во него стои цената за набавка на битуменот како променлив дел, во случајот 136.420 денари за еден тон, и стои фиксен дел за транспорт на тон битумен за 29.295 денари за еден тон.
За споредба еве уште еден договор, ист договор за набавка на битумен, овој пат од градското скопско ЈП „Улици и патишта“, направен два месеца подоцна, каде што за променлив дел цената на битуменот стои според формулата, од една страна, тука е веќе 38.000, а за фиксниот дел, она што го определува транспортот и ја определува сумата на тендерот, цената за транспорт за тон е 2.915 денари.
Уште еднаш за споредба, за Костадин Ацевски, цената за транспорт на еден тон е 29.295 денари, за „Улици и патишта“ е 2.915 денари, 10 пати повеќе плаќа Костадин Ацевски. И за споредба, ако броиме од цистерни, само транспортот на една цистерна „Македонијапат“ ја плаќа 12.000 евра, само транспорт на една цистерна „Улици и патишта“ би платила за 1.000 евра. Разликата е 11.000 евра за една цистерна или за целата набавка од 374 цистерни, разликата е над 4 милиони и 100.000 евра доколку би се направил тендер за цени како градското ЈП на Скопје – „Улици и патишта“.
Директорот на „Македонијапат“, Костадин Ацевски, кадар и поранешен пратеник на СДСМ, мора да каже по која формула е правена пресметката за тендерот за набавка на битумен? Како е возможно за транспорт да плаќа речиси 4,5 милиони евра. Како е возможно набавка на битумен, кој се набавува најчесто од Србија, Грција и малку помалку од БиХ, односно патишта со слична километража, разликата во цена за транспорт за цистерна да изнесува цели 11.000 евра?
Костадин Ацевски, кадарот на СДСМ, мора да каже по која формула ја прифатил оваа понуда како најповолна? Споредбено уште еднаш со цените добиени од „Улици и патишта“, целиот транспорт на „Македонијапат“ би чинел 443.000 евра, а со цените на Костадин Ацевски чини 4.553.000 евра.
Почитувани, Македонија е втурната во тешки кризи, Македонија е на просјачки стап, а СДСМ прави национални предавства само и само да течат тендери со нереални цени. Ова мора да има крај!“, изјави Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шилегов: Да, барам оставка од „претседателот“ на СДСМ
Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје и член на раководството на СДСМ, бара оставка на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла !!!! Или тешка Ви е одговорноста ? Или Ви тежи договорот ? Или си СДСМ или си тезгарош !!! М ? Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави …“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.
Подоцна тој објави уште еден статус.
„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел повици за 7 мин) ДА !!! Барам оставка на “претседателот” на СДСМ“, напиша Шилегов.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.

