Економија
(Видео) „Отворен Балкан“: Заеднички ќе бидат пребродени енергетската криза и недостигот од храна

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестициите, Фатмир Битиќи, заедно со своите колеги од Албанија и Србија, Арбен Ахметај и Бранислав Недимовиќ, денеска во Тирана одржа заедничка прес-конференција по завршувањето на работата на меѓувладините групи, при што истакна уште еднаш и на техничко и политичко ниво дека се согласиле оти пребродувањето на енергетската криза, како и справувањето со можните ефекти од војната на Украина во недостигот на храна, заеднички ќе бидат адресирани и пребродени.
Беше истакнато дека Северна Македонија интензивно работи на интерконективни гасоводи со соседите, а дополнително, министерствата заедно со коморите ќе ги мапираат производните капацитети, како и потребите за потрошувачка во рамките на „Отворен Балкан“ и ќе изготват патоказ за соработка за меѓусебна поддршка.
Дополнително, ќе се мапираат можностите за заеднички инвестиции во подобрување на инфраструктурата и капацитетите за производство на енергија, особено во обновливи извори на енергија. Исто така, ќе се стават на располагање сите суровини со кои трите земји располагаат за производство на електрична енергија.
Трите држави се согласија дека обезбедувањето храна во услови на светска криза претставува предизвик и дека заради обезбедување одржливост во снабдувањето со храна, потребно е да се создадат посебни механизми на соработка помеѓу трите земји. Извозните забрани за определени производи на храна да не се однесуваат и за земјите од „Отворен Балкан“, односно да имаат преференцијален третман. Благодарение на „Отворен Балкан“, македонските и граѓаните на Албанија и Србија зимава ќе бидат целосно обезбедени со потребните количини брашно, масло, шеќер, сол и другите основни продукти.
Работните групи за брза реакција при катастрофи и несреќи се согласија дека секоја земја ќе делегира лице за контакт од својата земја за прв одговор при криза, кои ќе комуницираат редовно – ова ќе значи итна реакција од секоја земја за заштита на населението на земјите на „Отворен Балкан“, без разлика каде се случува непогодата или несреќата. Дополнително, трите земји може да бенифицираат од заеднички пристап при барањето средства и добивањето помош од достапните ЕУ-фондови.
Со зголемување на трговијата помеѓу земјите од „Отворен Балкан“, агенциите, заедно со министерствата за економија и финансии, ќе работат на намалувањето или укинувањето на царинските такси, што секако ќе се прави во соработка и консултација со бизнис-секторот од трите земји преку стопанските комори. Дополнително, на ова ќе се работи и на можностите за онлајн-плаќање со цел олеснување на процедурите и постапките.
Трите земји работат на усогласување на системите за електронските идентификациски картички да може без проблеми да функционираат во сите три земји. Ова е финална фаза пред укинување на работните дозволи меѓу трите држави.
Со овие картички граѓаните ќе имаат пристап до еден заеднички слободен пазар на труд и движење низ земјите на „Отворен Балкан“. На овој начин стануваме голем пазар од речиси 12 милиони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.