Економија
„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз од 20 отсто, со 127 нови вработувања во земјата, инвестиции од 8 милиони евра и раст на консолидираната нето-добивка 11 отсто во периодот јануари – јуни 2022 година

Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2022 година продажбите достигнуваат 5.283.892.387 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 7.131.908.525 денари, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 20 %. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 14 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Полска (раст од 163%), Романија (раст од 140 %), Германија (раст од 93 %), Бугарија (раст од 55 %), САД (раст од 45 %), Ерменија (раст од 40 %), Грција (раст од 28%), Турција (раст од 28%), Косово (раст од 13 %), Словенија (раст од 8 %), Албанија (раст од 6 %), Србија (раст од 6 %) итн. Во периодот јануари – јуни 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 9 милиони денари и во Монголија, во износ од 7 милиони денари.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 14 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 3 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 2 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 14%, хемија од 15%, козметика од 5% и билкарство од 19%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2022 година изнесуваат 490.007.774 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.168.168.959 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 683.064.178 денари и е зголемена за 16 %. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.192.089.132 денари и бележи раст од 7 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 649.426.813 денари е зголемена за 11 %. При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари-јуни 2022 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 127 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од 30.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.609 вработени, од кои 2.011 се во базата во Скопје, а 598 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2022 година се движеше од 16.385,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 17.894,72 денари за една акција, што претставува раст од 21,4 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 30.06.2022 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.268 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше речиси 24 милијарди денари.
Бизнис-план за 2022 година
Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година. Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обидувајќи се да им овозможи безбедни услови. Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75% и во третото тримесечје од 2026 година

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор, велат од НБ.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици, се додава во соопштението на НБ.
Економија
„Распад на енергетскиот систем: управата со измислени саботажи за РЕК ја покрива сопствената неспособност!“, велат од СДСМ

„После 10 дена од испаѓањето на РЕК Осломеј од мрежа, и најавите на неспособното раководство на ЕСМ дека истиот во рок од 48 часа ќе биде вратен на мрежа, сведоци сме дека РЕК Осломеј сеуште не произведува струја, а неспособното раководство прави неуспешни обиди од неуспешните обиди“, велат од СДСМ.
„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа, поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување, и за да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените.
Може слободно да заклучиме дека токму поради неспособноста на раководството на ЕСМ, оставка си даде и претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ и директорот на правниот сектор, не сакаат да бидат дел од бродот што тоне.
Ги повикуваме и останатите членови на Управниот Одбор на чело со Лазо Узунчев да бидат совесни и разумни и навремено да си поднесат оставки, да не го упропастуваат ЕСМ, бидејќи за истото ќе одговараат“, соопшти СДСМ.
Економија
Објавен огласот за обука кај конкретен работодавец за месечен надомест од 12.000 денари

Во Штип денеска се одржа информативен ден за запознавање на јавноста со мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
Пред претставниците од стопанските комори, здруженија на млади и голем број на заинтересирани граѓани, пратеници и претставници на локалните самоуправи од Штип и регионот, мерките од планот ги презентираа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво, Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова.
Заменик-министерот Ристески покрај за трите јавни повици кои беа објавени во текот на вчерашниот ден поврзани со мерката – Поддршка за самовработување (претприемништво), се осврна и за јавниот повик за третата мерка Обука на работно место кај конкретен работодавач.
„Вчера Агенцијата за вработување го распиша и четвртиот јавен оглас за мерки од Оперативниот план за вработување, а тоа е дел од обуките кои се реализираат со планот. Станува збор за подмерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ со која на невработените лица им се овозможува обука во времетраење до (3) месеци во работните простории на работодавачите согласно Програма за обука. Во овој период на невработеното лице ќе му биде исплатен месечен паричен надомест од 12.000 денари месечно со вклучено осигурување и данок на личен доход за времетраењето на обуката до 3 месеци, додека работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци. На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 25.000 денари по обучено лице позавршена обука“, кажа Ристески.
Тој додаде дека целта на оваа мерка од Оперативниот план е невработените лица да се стекнат со вештини за извршување на работните задачи во согласност со потребите на работодавачот,а со тоа и да се овозможи нивно вработување во истите компании. Оваа мерка ќе опфати 245 невработени лица, со фокус на корисници на гарантиранаминималнапомош, жени, Роми, млади до 29 години, лица со попреченост и долгорочно невработени.
Градоначалниците на Штип и Свети Николе Јорданов и Владев ги поздравија мерките од Оперативниот план за вработување и ги повикаа сите заинтересирани невработени лица – активни баратели на работа да аплицираат и да ги искористат поволностите од мерките од Оперативниот план.
Јавните повици за мерката самовработување (претприемништво) траат до 20 јуни (петок), додека повикот за Обука на работно место кај конкретен работодавач трае до 30.11.2025 година.